Третата доза од вакцината на „Фајзер“ против Ковид-19 значително го зголемува заштитниот ефект кај луѓето постари од 60 години, покажа најновата студија на израелските научници.
Меѓу постарите лица што примиле две дози од вакцината инфекцијата се развила 10 пати почесто, а 20 пати повеќе луѓе вакцинирани со двете дози развиле потешка форма на инфекција отколку кај оние што ја примиле третата, засилувачка доза, објавија израелски научници.
Сите вакцинирани со две дози од вакцината на „Фајзер“ во Израел сега имаат можност да добијат трета доза најрано пет месеци по примањето на втората доза.
Имено, и покрај високата покриеност со вакцини, земјата во моментот се бори со третиот бран коронавирус.
Израелските истражувачи шпекулираат дека ова се должи многу повеќе на заразниот делта-сој на коронавирусот и падот на нивото на заштита од вакцината шест месеци по добивањето на втората доза. Според научниците, ефективноста на вакцината е намалена на 50 проценти.
Карстен Ватцл, генерален секретар на Германското друштво за имунологија, изјави оти веќе е познато дека нивото на антитела е околу 10 пати повисоко по третата доза отколку по само две дози.
Но, студијата упатува на тоа дека заштитниот ефект од вакцината е многу поголем наспроти ризикот кај поединците што воопшто не се вакцинирани против Ковид-19.
Ватцл истакна дека како дел од студијата научниците не ја проучувале можноста од несакани ефекти. Но, засега нема извештаи од Израел дека третата доза резултира со позначајни несакани ефекти од втората.
Во исто време Ватцл истакнува дека не препорачува трета доза за помладите луѓе, туку за сите постари од 80 години и за оние над 60 години, кои веќе страдаат од некои хронични заболувања.