Сè уште не знаеме колку трае имунитетот по вакцинирањето против Ковид-19, но сигурно знаеме дека оние кои биле заразени се заштитени, имуни меѓу девет и 10 месеци, изјави за телевизијата познатиот италијански виролог Андреа Крисанти.
Според него, овие податоци се добиени во истражување спроведено меѓу жителите на општината во регионот Венето, каде што на 21 март минатата година беше идентификуван првиот случај на инфекција со Ковид-19 во Италија. Професорот Крисанти вели дека откриле дека луѓето кои се заразиле со инфекција во првиот бран на пандемијата, а потоа стапиле во контакт со заразени лица кои се разболеле во вториот бран, не само што не се заразиле, туку било откриено дека развиле уште повеќе антитела.
„Значи, имунитетот на оние кои имале инфекција трае најмалку девет месеци, а многу веројатно и подолго“, заклучи Крисанти.
Професорот Андреа Крисанти стана познат по својата анти-ковид стратегија, која беше спроведена во општина Венето. По негов предлог е извршено масовно тестирање на населението, а не да се чека да се појават првите симптоми на инфекцијата. Благодарение на тоа, Венето имаше релативно мал број на заразени и починати во првиот бран на пандемијата во споредба со другите италијански региони.