SpaceX завчера испрати четворица астронаути на НАСА со своја капсула до Меѓународната вселенска станица (МВС). Тие пристигнаа таму утрово.
Капсулата Crew Dragon со четворица астронаути – тројца Американци и еден Јапонец – слета на МВС 27 часа откако беше лансирана од космодромот Кеј Канаверал на Флорида. При поврзувањето, Crew Dragon и МВС се движат со приближно иста брзина од околу 27.350 километри на час.
The hatches are open and NASA’s @SpaceX Crew-1 astronauts Shannon Walker, @Astro_Soichi, @AstroVicGlover, and @Astro_illini are the newest residents aboard the @Space_Station. Welcome aboard! pic.twitter.com/WYwC7jRVQk
— NASA (@NASA) November 17, 2020
Вселенската станица е сателит-лабораторија која што орбитира на околу 400 километри над Земјата. Четворицата космонаути ќе престојуваат на неа следните шест месеци.
Одговорната на NASA за патувања во Вселената, Кетрин Лудерс рече дека е горда на астронаутите. Екипажот е составен од командантот Мајк Хопкинс, двајца астронаути на NASA – пилотот Виктор Гловер и физичарката Шенон Вокер и јапонскиот астронаут Соичи Ногучи, кому ова му е трето патување на МВС, по 2005 и 2009 година. Еден американски и двајца руски космонаути се веќе на станицата од претходната мисија.
Crew Dragon се градеше приближно десет години како дел од јавно-приватната програма на NASA што започна 2011 година. Полетувањето во неделата ја означи првата оперативна мисија на SpaceX во соработка со НАСА, откако минатото лето двајца американски астронаути заминаа на пробен лет.