Студија спроведена во Велика Британија предупредува на настанување на абнормалности на мозокот по прележувањето на Ковид-19.
Ковид-19 може да предизвика намалување на масата на мозокот, да ја намали сивата материја во областите што ги контролираат емоциите и меморијата и да ја оштети областа што го контролира сетилото за мирис, наведува студијата на научниците од Универзитетот Оксфорд.
Истражувачите објавија дека забележале такви промени и кај пациенти кои не биле хоспитализирани поради Ковид-19
За да се дознае дали споменатите последици можат барем делумно да се отстранат или да станат трајни, ќе треба да се направат дополнителни истражувања.
„Имаме силни докази за абнормалности на мозокот по Ковид-19“, објавија британските научници во студијата објавена во понеделникот во списанието Nature.
Дури и во случај на благи форми на болеста, кај учесниците во студијата биле откриени „влошени извршни функции“ на мозокот, одговорни за фокусирање, планирање, организирање, донесување одлуки и решавање проблеми, а просечната големина на мозокот се намалила меѓу 0,2 и 2 проценти.
Една рецензирана студија испитувала промени во мозокот на 785 пациенти на возраст од 51 до 81 година.
Нивниот мозок бил скениран двапати, а од вкупниот број испитаници, 400 од нив повторно се заразиле со Ковид-19 омеѓу двете скенирања. Второто скенирање било направено во просек 141 ден по првото.
Студијата беше спроведена во време кога алфа варијантата на коронавирусот беше доминантна во Британија и малку е веројатно дека биле вклучени пациенти заразени со делта, велат британските научници.
Студијата исто така покажа дека некои пациенти откако заболеле од Ковид-19 страдале од „мозочна магла“ или од намалено внимание и концентрација, како и од намалена брзина на обработка на информациите и послаба меморија.
Научниците не објавија дали вакцинацијата против влијаела на состојбата, но британската здравствена агенција минатиот месец објави дека проучувањето на 15 претходни студии покажало дека вакцинираните луѓе имаат половина помала веројатност да развијат симптоми на долгорочна болест Ковид-19 во споредба со невакцинираните.