Додека повеќето земји се борат против употребата на телефони во училиштата, една европска земја оди во спротивна насока.
Естонија, мала балтичка земја со 1,4 милиони жители, ја престигна Финска и стана лидер во меѓународната програма Писа за оценување на учениците, потег што делумно може да се должи на тоа што учениците во земјата се охрабруваат да користат мобилни телефони и вештачка интелигенција на часовите, објави „Гардијан“.
Естонските ученици ќе добиваат свои домашни задачи со вештачка интелигенција од септември. Естонија е рангирана на прво место во Европа по математика, наука и креативно размислување, а на второ место по читање, според најновата оценка на програмата Писа.
Оваа балтичка земја се издвојува по својата прифатеност на дигиталната технологија, па додека другите земји ја забрануваат и ограничуваат употребата на мобилни телефони во училиштата, наставниците во Естонија активно ги охрабруваат учениците да ги користат како алатка за настава.
Естонската министерка за образование Кристина Калас, за време на неодамнешната посета на Лондон за Светскиот образовен форум, изјави дека знае дека повеќето европски земји ги гледаат паметните телефони и другата технологија со претпазливост.
„Ние во Естонија генерално сме многу поотворени и спремни да користиме дигитални алатки, а наставниците не се исклучок“, рече таа.
Естонија, исто така, започнува нова национална иницијатива, AI Leap, за опремување на наставниците и учениците со најсовремени алатки и вештини за вештачка интелигенција.
Тие ќе почнат да добиваат такви средства од септември, а до 2027 година, 58.000 ученици и 5.000 наставници треба да ги добијат. Официјалните лица велат дека благодарение на оваа иницијатива, Естонија ќе стане една од најпаметните нации во начинот на кој ја користи вештачката интелигенција, според Гардијан.