Имунитетот на коронавирус трае најмалку една година, а можеби и цел живот, подобрувајќи се со текот на времето особено по вакцинација, покажуваат две студии.
Овие откритија можат да помогнат во смирувањето на стравувањата дека заштитата од вирусот ќе биде краткотрајна. Студиите сугерираат дека повеќето луѓе кои закрепнале од вирусот и подоцна се имунизирани нема да имаат потреба од засилена заштита.
Вакцинираните кои никогаш не биле заразени најверојатно ќе треба да примаат дополнителни дози, како и оние кои биле заразени, но не развиле силен имунолошки одговор, пишува The New York Times.
Двете студии анализирале луѓе изложени на коронавирусот пред една година. Клетките кои задржуваат меморија на вирусот опстануваат во коскената срж и можат да создадат антитела кога е тоа потребно, покажува студија објавена во Nature.
Друга студија објавена на BioRxiv, страница за биолошки истражуваа, откри дека таканаречените мемориски Б-клетки продолжуваат да созреваат и се засилуваат најмалку 12 месеци по почетната инфекција.
Овие студии го смируваат стравот од минливост на имунитетот како што е случај со коронавирусите кои предизвикуваат настинка, но тие вируси значително се менуваат на секои неколку години.
„Причината зошто толку често се заразуваме со обични коронавируси во текот на животот можеби има повеќе врска со варијациите на тие вируси, а не со имунитетот“, вели Скот Хенсли, имунолог од Универзитетот во Пенсилванија, кој не бил вклучен во истражувањето.
„Мемориските Б-клетки создадени како одговор на инфекцијата со вирусот SARS-CoV-2 засилени со вакцинација се толку силни што спречуваат дури и соеви на вирусот, што значи дека нема потреба за дополнителна вакцинација“, смета Микел Нусензвајг, имунолог од Универзитетот Рокфелер во Њујорк, водач на студијата за созревање на меморијата.
Тој додава: „Луѓето кои биле заразени и се вакцинирале развиваат одличен одговор, одличен склоп на антитела бидејќи продолжуваат да развиваат свои антитела. Очекуваме дека тоа ќе трае многу долго“, вели тој за The New York Times.