Претседателката на Мексико, Клаудија Шајнбаум, објави дека денес ќе потпише декрет со кој се бара од дигиталните платформи, вклучувајќи ги социјалните мрежи и услугите за стриминг, подобро да ги заштитат децата и тинејџерите од насилна, сексуална и друга штетна содржина.

Регулативата, која ќе го заостри надзорот врз големите технолошки компании, доаѓа откако двајца 18-годишни поранешни ученици нападнаа средно училиште во северната држава Коахуила на почетокот на октомври, при што загина едно лице, а тројца други беа повредени. Дигиталните платформи ќе имаат еден месец да се усогласат со новата регулатива, објасни владиниот советник Луиза Марија Алкалде.

Шајнбаум предупреди дека доколку компаниите не се придржуваат до регулативата, владата ќе поддржи закон со кој ќе се казнат платформите. Официјалните лица изјавија дека веќе се сретнале со претставници од Мета, Мајкрософт, Епл, ТикТок, Гугл, Икс и Хуавеи за да разговараат за ова прашање.

Мета: Запознаени сме со регулативата
Портпаролот на Мета изјави за Ројтерс дека компанијата е „свесна за регулативата“ и дека ќе ја „анализира детално“, додавајќи дека долго време има алатки што им помагаат на родителите „да го водат дигиталното искуство на своите деца“.

Потегот на Мексико е дел од поширокиот глобален напор за заштита на малолетниците на интернет. Владите во Европа и Австралија ја зајакнаа контролата врз дигиталните платформи и делумно им забранија на малолетниците пристап до социјалните мрежи.