Резултатите покажаа дека 14 дена по примањето на првата доза, нивото на вирусот во телтот падна за 64 пати.
Докторите во Велс ги испробаа речиси сите расположливи лекови за да излекуваат пациент кој 8 месеци боледувал од Ковид-19. Но, вистинскиот успех го постигнале дури откако му дале – вакцина.
Како што пишува Daily Mail, Ијан Лестер кој има ретка генетска имунодефициенција, се заразил со коронавирус во декември 2020 година, пред вакцината да стане широко достапна.
Во текот на следните 7 и пол месеци, Лестер постојано бил позитивен на вирусот, а покрај тоа пател и од стегање во градите, главоболки и екстремен умор.
Во моментот кога во Велика Британија започна вакцинацијата против Ковид-19, Лестер не можел да ја прими бидејќи и понатаму бил позитивен на вирусот.
Но, научниците од Универзитетот Кардиф се одлучиле на необичен обид – тие му дале 2 дози од вакцината Фајзер, со надеж дека таа ќе делува како терапија и ќе му помогне на неговиот имунолошки систем да се одбрани од вирусот.
Резултатите покажале дека по 14 дена од примањето на првата доза, нивото на вирусот во телото се намалило за 64 пати. Лестер бил прогласен за излекуван во август 2021 година, 72 дена откако ја примил првата доза вакцина.
Научниците го објавиле неговиот случај во Journal of Clinical Immunology, а се верува дека истиот е првиот официјален случај во кој за лекување на коронавирус е употребена вакцина. Имено, вакцините против Ковид-19 обично се користат за да ги заштитат луѓето од заболување и развивање на тежок облик на болеста.
Резултатите сугерираат дека вакцините можат да се користат и како помош за имунолошкиот систем кај лица кои имаат проблеми со имунитетот и боледуваат од упорни инфекции. Но, научниците истакнуваат и дека се потребни дополнителни тестирања за да се утврди дали вакцината е навистина ефикасен третман за лекување кај пациентите кои боледуваат од долготрајни инфекции.
Извор: Zimo.hr