Канадската компанија Idenergie претстави нов хидрокинетички дизајн на турбина што ја собира енергијата од проточна вода и ја претвора во електрична енергија.
Со оглед на тоа дека многу земји се обидуваат да се оддалечат од фосилните горива, постои потреба да се развијат методи за искористување на обновливите извори на енергија. За ова најчесто се користат турбини на ветер и соларни панели, но и двата система имаат ограничувања кога станува збор за генерирање енергија. Ветерните турбини зависат од брзината на ветерот, додека соларните панели не генерираат енергија речиси половина ден. Меѓутоа, турбините во вода можат постојано да генерираат енергија, без разлика дали е ден или ноќ.
Во минатото, употребата на плимни турбини беше поврзана со загрозување на живеалиштата на водните животни и вегетацискиот систем, но компанијата од Монтреал посвети особено внимание на тоа и се одлучи за роторот Darrius, кој не му штети на екосистемот, направен од алуминиум поради што лесно се рециклира.
Турбината се испорачува демонтирана за да се минимизира потребата за транспорт и се склопува во седум едноставни чекори. Дизајнот на турбината вклучува и мотор без осовина кој спречува водата да влезе во генераторот, со што се намалуваат потребите за одржување.
Кога е на максимум, една турбина може да произведе 12 киловат-часа електрична енергија дневно и е поврзана со батерии што постојано се полнат. Дури и со намален производствен капацитет, турбините можат да обезбедат доволно електрична енергија за напојување апарати за домаќинството, како што се фрижидери, телевизори, компјутери и осветлување.
Според производителите, една турбина може да произведе енергија колку 12 соларни панели, а освен тоа може постојано да работи. Кога е потребно, турбината може да се прилагоди на условите на водното тело, вклучително и инсталација во плитка вода и области каде што брзината на протокот на вода е помала од 1 m/s.