Според податоците на израелското министерство за здравство, заштитата од инфекција достигнува 95 отсто само 16 дена по „бустер“ дозата на вакцината.
Во извештајот се наведува дека иако нивото на антитела значително е поголемо седум дена од третата доза, врвот сепак се достигнува по 16-от ден.
Над 1,7 милиони Израелци примиле „бустер“ доза од вакцината од почетокот на месец август, а од вторникот трета доза примиле и Израелците постари од 30 години, додека пак над 70 отсто од постарите од 70 години веќе се имунизирани со трета доза.
Во вторникот над 10.000 Израелци биле тестирани позитивни на Ковид-19, а судејќи по ревидираните податоци од Министерството за здравство направени синоќа, тоа е најмногу досега во четвртиот бран и близу најголемиот број на заразени во еден ден забележан во месец јануари.
До средата навечер имало над 75.000 активни случаи на Ковид-19 во Израел, хоспитализирани 1.084, во тешка состојба 688, а меѓу нив 139 на респиратор.
Планирано е за една недела да се отворат и училиштата, а од Министерството за здравство најавиле дека невакцинираните ученици нема да мора да покажат негативни тестови при следење на наставата поради тоа што според нивниот закон сите имаат право на образование.
Родителите кои сакаат да влезат во училиштата ќе мора да покажат зелен сертификат, како и сите наставници, наведуваат израелските медиуми.
Во градовите кои се означени како „црвени“ поради високиот број на случаи на Ковид-19 по глава на жител и голем број на позитивни тестови ќе продолжи да се одржува настава на далечина, освен доколку процентот на вакцинирани и закрепнати од болеста во одделението е 70 отсто.
Во заедниците со ултраортодоксни Евреи училиштата се отворени од 9 август, а за две седмици бројот на инфекции на коронавирусот нагло се зголемил во тие области.
Генералниот директор на Министерството за здравство Нахман Аш, оваа недела изјавил дека всушност нема гаранција за отворање на училиштата.