Во ноември 2020 година, Motorola го претстави 5G мобилниот уред Moto G со многу добри спецификации. Овој телефон имаше 6,7-инчен екран, FHD резолуција и HDR10 сертификат, како и добар octa-core Qualcomm Snapdragon 750G процесор со Adreno 619 графика и 2GB, 4GB и 6GB RAM. Сосема солидни перформанси за квалитетен телефон од средната класа.
Сега се појави првиот рендер на кој е прикажан новиот мобилен уред на Motorola, за кој постојат силни индикации дека се работи за долгоочекуваниот наследник, Motorola Moto G 5G за 2022 година. Според GSMArena, а според фотографиите објавени од познатиот дојавувач OnLeaks, може да се забележи дека овој уред ќе има камера систем со три сензори, како и селфи камера во „punch hole“ на предната страна на смартфонот.
Главниот сензор, според она што може да се види на рендерите, ќе има резолуција од 50MP со quad pixel технологија за процесирање на слика. Дополнително, би требало да има и ултраширока камера од 8MP, како и дополнителна камера од 2MP.
Покрај тоа, се претпоставува и дека кодниот модел за новиот Motorola Moto G 5G е XT2213, а наводно ќе има екран со големина од 6,6 инчи. Меѓу другите спецификации, има процесорско решение во форма на Qualcomm Snapdragon 750G чипсет. Засега се чини дека овој телефон ќе пристигне со оперативен систем Android 11, а не со најновиот Android 12.
Смартфонот се очекува да има батерија од 5.000 mAh, како и 4GB RAM и 128GB простор за складирање што може да се прошири со SD картичка до максимум 512GB. Уредот треба да се појави во две бои, вулканско сива и мат сребрена (Volcanic Gray / Frosted Silver), а цената ќе изнесува околу 275 евра.