Софт роботите (односно меките роботи) се пофлексибилни од традиционалните машини и значително се покорисни кога е потребно со помош на нив да се истражат некои недостапни места.

Меѓутоа, за повеќето меки роботи се потребни електронски компоненти како плочки, вентили и пумпи. Овие компоненти се обично тешки, скапи и мора да бидат прицврстени на машините со нешто надвор од нивното тело.

Инженерите од Универзитетот во Калифорнија во Сан Диего развија четириножен софт робот на кој не му е потребна ниту една електронска компонента за да може да функционира.

Станува збор за робот со вграден систем на пневматски кругови, кој се состои од цевки и меки вентили. На лесниот и евтин пневматски систем му е потребен само постојан извор на воздух под притисок за роботот да се движи и напојува.

Секоја нога на роботот е направена од три поврзани пневматски цилиндрични комори, кои се свиткуваат кога се под притисок за да се движи роботот, а со меките вентили се менува правецот во која се движи роботот.

Тимот научници од Сан Диего верува дека со ова откритие се доближиле чекор поблиску до создавање автономни роботи кои можат да работат без никаква електроника.

Во иднина, сметаат дека технологијата може да се искористи за создавање машини кои можат да работат во средини во кои електрониката не може да функционира, вклучувајќи ги магнетните резонанци и рударски окна.

Засега, инженерите сакаат да го подобрат начинот на движење на роботот, за да може да оди по нерамни површини без проблеми.