Компанијата SpaceX најави подобрувања на своите сателити Starlink 2.0 кои ќе го намалат нарушувањето на глобалната астрономска заедница.

Подобрувањата се однесуваат на начинот на кој сателитите на интернет мрежата Starlink ја рефлектираат сончевата светлина додека орбитираат околу Земјата, и ако се ефикасни како што тврди SpaceX, сателитите ќе бидат „невидливи со голо око кога се на стандардна оперативна височина“.

Оваа вест доаѓа по поплаките од астрономската заедница и нејзината борба против влијанието на сателитските мегасоѕвездија врз нивната работа. Астрономот Саманта Лорел од Универзитетот во Реџина во Канада рече дека поради Старлинк се работи помалку во истиот временски период и дека тоа ја чини заедницата што плаќа даноци.

SpaceX објави јавен документ во кој ги наведува мерките дизајнирани да го намалат влијанието на сателитот на интернет мрежата Starlink врз астрономската заедница. Ова е особено важно бидејќи шефот на SpaceX, Илон Маск, неодамна изјави дека очекува повеќе од 4.200 сателити Starlink да бидат во функција во следните 18 месеци. Во орбитата веќе има околу 2.300 сателити, а SpaceX има дозвола за уште 30.000.

SpaceX работи со астрономи за да развие нови елементи кои ќе овозможат да се намали рефлексијата на светлината на Земјата. Сателитите се највидливи во првите часови по самракот и тогаш астрономите си ја вршат својата работа. Американската вселенска агенција НАСА соопшти дека сателитите би можеле да ја загрозат нејзината способност да забележат потенцијално опасен астероид кој се движи кон Земјата.

SpaceX претходно се обиде да постави „визири“ на сателити кои ги блокираат светлосните зраци, но тие исто така можат да ги блокираат ласерските врски на Starlink. Исто така, тие создаваат премногу атмосферски отпор, што предизвикува сателитите да трошат повеќе гориво. Новата алтернатива се потемните материјали кои ја намалуваат рефлексијата за повеќе од десет пати во споредба со сегашната генерација на сателити, поради што ќе бидат помалку видливи. Станува збор за „темно црвена“ пигментација која го заменува белиот материјал на соларните ќелии на сателитот, додека останатите компоненти ќе бидат црни со мала рефлексивност.

Исто така, SpaceX планира да ја пренасочи светлината во одредени делови од денот, особено во самрак.