Актуелните телефони на Sony повеќе нема да се продаваат во Финска, како и во некои други европски земји. Причината за ова наводно е новата стратегија за продажба од Sony.
Sony постепено го намалува својот бизнис со паметни телефони во Европа, а првите конкретни знаци за ова доаѓаат од Финска, каде што компанијата ја повлече продажбата на своите најнови модели од локалната понуда. Според финскиот портал Suomimobiili, модели како што е неодамна претставениот Xperia 1 VII повеќе не се достапни на официјалната веб-страница на Sony таму или од партнерските дистрибутери и нема да бидат повторно во продажба.
Со овој потег, Sony најавува, како што велат, стратешки пресврт кон онлајн каналите за продажба, објаснувајќи дека сакаат да им понудат на корисниците поедноставно купување. Новите модели на тој начин ќе бидат достапни за купување само преку официјалната продавница на Sony и Amazon, но во одбрани европски земји, чија листа сè уште не е позната.
„Xperia 1 VII не е достапен за купување преку Sony во Финска. Сепак, постојано ја оценуваме одржливоста на пазарот и побарувачката на потрошувачите. Моментално се фокусираме на каналите за онлајн купување за да им обезбедиме на клиентите поедноставен процес на купување. Xperia 1 VII моментално е достапен за купување директно преку официјалната онлајн продавница на Sony и Amazon на одбрани европски пазари“, изјави Sony во соопштение за Suomimobiili.
Патем, оваа одлука доаѓа во време кога Sony се соочува и со предизвици на домашниот пазар во Јапонија, каде што продажбата на Xperia 1 VII наиде на голем број пречки што дури доведоа до прекин на дистрибуцијата. Сето ова фрла дополнителен сомнеж врз долгорочната иднина на мобилната дивизија на Sony, која се бори со години за опстанок.