Андоновски: Над 340.000 барања поднесени преку uslugi.gov.mk – дигиталните услуги бележат рекорден раст

Андоновски: Над 340.000 барања поднесени преку uslugi.gov.mk – дигиталните услуги бележат рекорден раст

пред 3 часа

Во е две години преку Националниот портал uslugi.gov.mk се поднесени повеќе од 340.000 барања, со што дигиталните услуги бележат значителен раст и стануваат сè подостапни за граѓаните. Ова денеска го истакна министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, презентирајќи отчет за сработеното во првите две години од неговиот мандат.

Според Андоновски, порталот uslugi.gov.mk претставува најзначајната реформа во процесот на дигитализација на јавните услуги. Преку него граѓаните можат целосно електронски да добијат изводи од матичните книги на родени, венчани и умрени, уверенија за државјанство, потврди за неосудуваност, одобренија за набавка на оружје и десетици други административни услуги.

Министерот посочи дека порталот, кој со години бил недоволно развиен и користен, денес бележи значителен напредок.

„Бројот на електронски услуги порасна од 120 во 2024 година на 352 во 2026 година, што претставува раст од 193 проценти. Месечниот број на издадени услуги се зголеми од 1.354 на 13.445, односно за 892 проценти. Бројот на корисници порасна од 110.000 на 235.000, додека вкупниот број поднесени барања се зголеми од 64.000 на повеќе од 340.000. Само во 2025 година беа регистрирани над 92.000 нови корисници, повеќе отколку во 2020, 2021 и 2022 година заедно“, рече Андоновски.

Покрај дигиталните услуги, министерот нагласи дека државата работела и на нивно физичко доближување до граѓаните преку отворање нови центри за услуги. До 2024 година функционирале пет вакви центри, а денес нивниот број е зголемен на 16.

Воедно, бројот на граѓани кои ги користеле овие центри значително пораснал. Ако во периодот од 2020 до 2023 година годишно биле услужувани околу 1.800 граѓани, во текот на 2025 година таа бројка достигнала 11.000.

Андоновски истакна дека една од најзначајните реформи е и унапредувањето на Платформата за интероперабилност, преку која институциите електронски разменуваат податоци без граѓаните да бидат посредници меѓу различните институции.

„Од 2016 до 2024 година на платформата биле поврзани 48 институции, а денес бројот достигна 89. Месечниот број на трансакции се зголеми од околу 708.000 на речиси четири милиони, што претставува раст од 460 проценти. Ова можеби не е највидливата реформа, но токму таа овозможува помалку документи, помалку шалтери и побрзи услуги“, изјави министерот.

Во освртот на реформската агенда, Андоновски потсети дека во изминатиот период биле донесени повеќе значајни законски решенија, меѓу кои Законот за електронски комуникации, Законот за сајбер безбедност, Законот за електронско архивирање, како и Законот за воведување дигитален паричник и дигитален идентитет.

Тој додаде дека Македонија ги исполнила и своите домашни обврски поврзани со моделот „роаминг како дома“.

Во делот на сајбер безбедноста, министерот посочи дека за првпат државниот центар за одговор на киберинциденти станал член на светската организација FIRST, при што биле инвестирани два милиони евра во современа опрема, обука на кадар и меѓународна соработка.

Истовремено, воспоставен е механизам за блокирање нелегални онлајн приредувачи на игри на среќа, а формиран е и Националниот центар за побезбеден интернет за деца – МкСафеНет, проект поддржан од програмата „Дигитална Европа“ со повеќе од 700.000 евра. Центарот има задача да обезбеди побезбедно дигитално опкружување за младите преку едукација, превенција, советување и механизми за пријавување злоупотреби.

Андоновски истакна дека во изминатите две години биле преземени активности и за зголемување на транспарентноста на веб-страниците на Владата и министерствата, преку подобра видливост на јавните набавки, огласите за вработување и информациите од институциите.

Како најнов проект на Министерството за дигитална трансформација, тој го издвои формирањето на Националниот центар за вештачка интелигенција „Везилка“, кој се реализира во соработка со ФИНКИ.

Целта на центарот е развој на голем јазичен модел на македонски јазик, дигитализација на македонскиот јазичен корпус и примена на вештачката интелигенција во јавната администрација, енергетиката, здравството, културата и земјоделството.

„Да изградиме држава која нема само да користи, туку и ќе создава нови технологии“, порача министерот Андоновски.

Share
Scroll to Top