Впечатливи чизми, широка јакна и неколку внимателно избрани детали – понекогаш токму тоа е доволно за есенска комбинација што привлекува внимание. Бајкерските чизми со својот робустен изглед можат да му дадат карактер и на наједноставниот стајлинг.
Црните кожни модели до колена, украсени со метални токи и ременчиња, се избор за оние кои сакаат впечатлив и малку бунтовен изглед. Инспирирани од мотоциклистичкиот стил, овие чизми лесно се вклопуваат и во лежерни и во поженствени комбинации.
Еден начин да се носат е со проѕирни црни хулахопки и кратко здолниште или шорцеви. Контрастот меѓу масивните чизми и нежните хулахопки создава впечатлив изглед, а широката јакна му дава опуштена есенска нота.

За постудените денови, комбинацијата може да се надополни со предимензионирана јакна со мека постава, плетен џемпер или долг капут. Доколку доминира црната боја, чанта во кафеава нијанса или со интересен дезен може да внесе дополнителна свежина.

Тесните очила за сонце со ретро изглед, поголемите обетки и темноцрвениот маникир се детали со кои стајлингот лесно може да добие личен печат.
Бајкерските чизми добро изгледаат и со тесни фармерки, плетен фустан или како контраст на лесен, лелеав фустан. Нивните токи и ременчиња често се доволно впечатливи сами по себе, па остатокот од комбинацијата може да остане едноставен.






