Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска престојува во Виена, каде што, на покана на Дипломатската академија, учествува во програмата „Жени лидери – Југоисточна Европа и Црното Море/Јужен Кавказ 2026“.
Посетата е можност пред претставници на европски институции, јавниот сектор и дипломатската заедница да се претстават енергетските приоритети на Македонија и да се отворат нови можности за соработка.
Во рамки на престојот, Божиновска ќе се сретне со Северин Грубер, генерален секретар на Сојузното министерство за економија, енергетика и туризам на Австрија. Најавено е да разговараат за билатералната економска соработка, енергетската транзиција, сигурноста во снабдувањето и областите од заеднички интерес.
Министерката ќе се обрати и пред студентите на Дипломатската академија на Виена. Во обраќањето ќе ги претстави состојбите во македонскиот енергетски сектор, реформите, развојот на обновливите извори и модернизацијата на инфраструктурата.
Меѓу темите ќе бидат и постепеното напуштање на јагленот, праведната енергетска транзиција, диверзификацијата на снабдувањето и поврзувањето со европскиот енергетски пазар. Посебно внимание ќе им биде посветено на регионалните енергетски коридори, вклучувајќи го Вертикалниот гасен коридор, како можност за пристап до повеќе извори и правци на снабдување.
Програмата „Жени лидери 2026“ е наменета за жени од јавниот сектор од Југоисточна Европа, црноморскиот регион и Јужен Кавказ. Таа опфаќа теми поврзани со лидерството и современите предизвици во управувањето.
Од Министерството наведуваат дека посетата е дел од напорите за продлабочување на партнерствата во Европа и регионот, привлекување инвестиции и поголема вклученост на Македонија во европските енергетски процеси.






