Божиновска во интервју за МИА: Ги градиме новите гасни врски и ја зајакнуваме енергетската мрежа, резултатите се проверливи

Божиновска во интервју за МИА: Ги градиме новите гасни врски и ја зајакнуваме енергетската мрежа, резултатите се проверливи

пред 4 часа

Изградбата на гасните интерконектори со Грција и Србија, инвестициите во електропреносната мрежа, поврзувањето со Албанија и поддршката за ранливите домаќинства се меѓу клучните активности на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, истакна министерката Сања Божиновска во интервју за МИА.

Таа порача дека паралелно со инфраструктурните проекти се воспоставуваат нови правила за инвестирање, се планираат идните производни капацитети и се зајакнува регионалната соработка. Целта, според неа, е посигурно снабдување, попредвидливи услови за стопанството и помош за граѓаните на кои енергетските трошоци им претставуваат најголем товар.

Гасниот интерконектор со Грција се гради, за врската со Србија е потпишан договор

Божиновска информира дека на македонската делница од гасниот интерконектор со Грција се заварени околу 30 од вкупно 67 километри. Завршувањето е планирано за 2027 година, а почетниот капацитет ќе изнесува 1,5 милијарди кубни метри гас годишно.

Таа нагласи дека по заварувањето следуваат дополнителни градежни, технички и испитни активности, поради што внимателно се следи динамиката на реализација. Во јули, претставници на Министерството, НОМАГАС и грчкиот оператор ДЕСФА извршиле заеднички увид на трасата, со цел навремено решавање на проблемите и усогласување на работите од двете страни на границата.

За македонскиот дел од интерконекторот со Србија е потпишан договор за проектирање и изградба вреден 29,4 милиони евра. Предвидена е делница од 22,4 километри, со двонасочен проток и капацитет од 1,4 милијарди кубни метри годишно.

Според министерката, овие проекти треба да ја намалат зависноста од една влезна гасна врска, да овозможат пристап до повеќе извори, вклучително и до терминалите за течен природен гас преку грчкиот систем, и да отворат можност Македонија да учествува во транзитот на гас.

Во септември, во Солун, било формализирано и приклучувањето кон Вертикалниот гасен коридор. Македонија и Србија стануваат дел од поширока рамка што ги поврзува гасните системи на девет држави.

Паралелно се работи на воспоставување оператор на пазарот на природен гас преку МЕМО. Новите интерконектори се планираат и со подготвеност за иден транспорт на водород, а во јули била завршена првата сеопфатна национална Водородна студија, со поддршка од ЕУ преку ИПА II и Инвестициската рамка за Западен Балкан.

Инвестиции во МЕПСО и поврзување со Албанија

Во електропреносниот сектор, Божиновска го издвои решавањето на долгогодишното имотно прашање со трафостаницата Дуброво. Објектите се запишани во сопственост на МЕПСО, што, според неа, обезбедува поцврста правна основа за идните инвестиции.

Трафостаницата од 400/110 киловолти, изградена во 1977 година, има значајна улога во домашното снабдување и прекуграничните врски. Во неа се планира инсталирање шант-реактор, со пуштање во работа предвидено за почетокот на 2027 година. Опремата треба да помогне во контролата на напонот, особено при пониска потрошувачка, и да ја заштити мрежата од пренапони.

Реконструкцијата на командната зграда во Дуброво е дел од поширок проект што опфаќа три трафостаници од 400/110 киловолти и пет од 110 киловолти. Се решаваат и имотно-правните прашања за планираниот далекувод Бунарџик–Миладиновци, а се подготвува мастер-план за развој на преносната мрежа.

Продолжува и реализацијата на интерконекцијата со Албанија, преку 400-киловолтниот далекувод од Битола кон албанската граница и поврзувањето со Елбасан. Носител на проектот е МЕПСО, додека Министерството обезбедува поддршка во рамките на своите надлежности.

Божиновска наведе и дека продуктоводот Солун–Скопје повторно е во функција, со што е обезбедена дополнителна транспортна можност за снабдување со нафтени деривати.

Над 800 иницијативи за нови енергетски објекти

За Планот за изградба на енергетски објекти во 2027 година пристигнале повеќе од 800 иницијативи од приватни и државни инвеститори. Министерката нагласи дека поднесената иницијатива е почеток на постапката и не значи автоматски одобрен проект.

Во евалуацијата се проверуваат документацијата, усогласеноста со плановите и можностите за приклучување на мрежата. Според неа, развојот на соларните и ветерните електрани мора да биде придружен со инвестиции во преносната инфраструктура и складирањето енергија.

Новиот Закон за користење на енергијата од обновливи извори ги уредува мерките за поддршка, гаранциите за потекло и енергетските заедници. Предвидува и двонасочни договори за пазарно порамнување на разликата, чија цел е поголема предвидливост за инвестициите и заштита на јавниот интерес при високи пазарни цени.

Божиновска посочи дека во септември било одбележано финансиското затворање на првата фаза од ветерниот парк кај Штип. Воедно, ажурираното портфолио на Инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција опфаќа 81 проект вреден околу 1,77 милијарди евра. За проекти во вредност од околу 460 милиони евра е обезбедено финансирање.

Над 4.570 ваучери за инвертер-клими

Во делот на поддршката за ранливите домаќинства, министерката информира дека годинава се реализираат две постапки што опфаќаат над 4.570 ваучери за инвертер-клими.

Во март започнала распределбата на 4.070 ваучери по јавниот оглас за 2025 година. Ваучерот покрива набавка и вградување инвертер-клима од 3,5 киловати, со најмалку енергетска класа А+, во вредност до 28.000 денари, без дополнителна доплата од корисникот.

Во септември биле објавени списоците со над 500 нови ваучери од Програмата за 2026 година, наменети за определени домаќинства со лица и деца со попреченост. Божиновска ги повика добитниците навреме да ја завршат постапката, во рамките на објавениот рок до 15 октомври.

Таа нагласи дека со новиот Закон за енергетика е дефинирана енергетската сиромаштија и е донесена методологија за нејзино мерење, со цел помошта да се насочува според утврдените потреби.

Повисока наплата од концесии и над 40 одземени концесии

Во рударството, Божиновска наведе дека со тарифникот што се применува од 1 јануари 2025 година концесиските надоместоци се зголемени до 100 проценти. Според неа, засилени се контролите, а поради утврдени нерегуларности се одземени над 40 концесии.

Во 2025 година биле наплатени над 1,22 милијарди денари од концесиски надоместоци за експлоатација, наспроти околу 561,5 милиони денари во 2024 година. Во првата половина од 2026 година наплатата изнесувала околу 573,9 милиони денари.

Министерката нагласи дека плаќањето надоместоци не ги заменува обврските за заштита на животната средина. Таа направи и разлика меѓу геолошко истражување и експлоатација, посочувајќи дека истражувањето не дава автоматско право за отворање рудник.

Стратегијата за геолошки истражувања и одржливо искористување на минералните суровини за 2026–2046 година треба да обезбеди долгорочна рамка за управување со ресурсите. Се работи и на каталог на минералното богатство, истражување на геотермалниот потенцијал и заеднички проекти со научните институции.

Божиновска ја издвои и заштитата на географскиот назив „Македонски рубин“, со решение од 17 јуни, како можност за поголема вредност за домашните обработувачи, занаетчии, дизајнери и туристички понуди.

Одговор на интерпелацијата: Надлежностите не треба да се мешаат

Во однос на интерпелацијата поднесена од Левица, Божиновска порача дека е подготвена за парламентарна расправа и за одговорност за одлуките што се во нејзина надлежност. Сепак, смета дека оценката оти Министерството нема резултати ги изоставува донесените закони, програмите и придвижените проекти.

Таа потсети дека институцијата се формирала од самиот почеток, без сопствена зграда во првите месеци, додека паралелно се создавале тимови, административни постапки и технички услови за работа. Според неа, во септември Министерството остварило 100 проценти на Индексот на активна транспарентност на Центарот за граѓански комуникации.

Министерката нагласи дека Министерството ги остварува сопственичките овластувања во МЕПСО и НОМАГАС, додека ЕСМ е во сопственост на Владата и има сопствени органи на управување. РКЕ, пак, е независно регулаторно тело чии членови ги именува Собранието.

За тврдењето за зголемен долг на ЕСМ од 17 милиони евра, таа побара точна финансиска споредба од компанијата. Во однос на снабдувачката маржа од 9,9 проценти, посочи дека произлегува од постапката за избор на универзален снабдувач и од владина одлука од 16 април 2024 година, пред формирањето на Министерството и нејзиното стапување на функцијата.

Божиновска додаде дека побарала независни ревизорски проверки во секторот и дека препораките треба да се преточат во конкретни мерки, рокови и одговорни лица.

„Одговорноста мора да се утврдува според законот, конкретната постапка и лицата што одлучувале“, порача министерката во интервјуто за МИА.

Share
Scroll to Top