Познатиот боливудски актер Саиф Али Кан бил примен во болница откако бил нападнат во четвртокот рано наутро во неговиот дом во луксузен кварт на Мумбај, објавија локалните медиуми. Според градската полиција, натрапник упаднал во куќата по полноќ, што довело до судир при што актерот се здобил со повеќе повреди со нож.
Кан итно бил префрлен во болницата Лилавати, каде му била извршена операција. Нирај Утамани, главниот оперативен директор на болницата, рече дека актерот се здобил со шест убодни рани, од кои две се сериозни, вклучително и една во близина на ‘рбетот. За неговата состојба моментално се грижи специјализиран лекарски тим.
Полицијата покрена истрага. Заменик началникот на полицијата Диксит Гедам потврди дека натрапникот се соочил со Кан откако влегол во куќата. Засега не е познат идентитетот на напаѓачот.
Семејството на актерот не дава никакви изјави, додека неговиот тим за односи со јавноста ја повика јавноста да ја почитува неговата приватност. „Ги замолуваме медиумите и фановите за трпение. Ова е полициска истрага и во догледно време ќе ве информираме за ситуацијата“, се вели во соопштението.