Брена не глуми ѕвезда и се дружи со нас: Александар Јосифовски раскажа за турнејата во Америка со фолк пејачката

Брена не глуми ѕвезда и се дружи со нас: Александар Јосифовски раскажа за турнејата во Америка со фолк пејачката

пред 2 години

Пејачот Александар Јосифовски веќе две недели е на турнеја во Америка заедно со Лепа Брена. Тие пеат во градовите каде што живеат иселениците од Балканот и секаде се одлично пречекани. Но освен што е изненаден од односот на публиката, Александар во разговорот за „Репортер“ вели дека е многу пријатно изненаден и од Брена и ја опиша како срдечна и постојано насмеана дама.

„Со Брена се гледаме на настапите, а преку недела, кога не пееме, таа се враќа во нејзината куќа во Мајами, па после доаѓа на следниот концерт. Ме изненади што не се трга на страна, туку сите седиме заедно, разговараме. Мислев дека преку некој трет ќе треба да комуницирам со неа, ама не е така. Многу е комуникативна и цело време се шегува. Таква е уште од првиот ден кога се запознавме. Момците од бендот свират со неа веќе неколку години, ја пратат на сите концерти и тие се веќе како фамилија“, ни раскажа пејачот од „Гранд“.

На турнејата низ Америка беа планирани десетина концерти, но бидејќи постои голем интерес, организаторите пред неколку дена најавија дека Брена и Александар ќе имаат настап и во Лас Вегас.

„Првиот настап ни беше во Чикаго каде што има многу Македонци, Срби, Босанци и стварно беше прејако. Од таму заминавме во Атланта каде што исто така имавме супер концерт. По ова имавме неколку дена одмор, па концерт во Детроит. Сите концерти се целосно распродадени, се гледа дека луѓето се стварно желни да нè слушнат и да видат нешто што им недостасува откај нас“, вели Јосифовски.

Ни кажа и дека е среќен што публиката на концертите не е дојдена да ја види само балканската ѕвезда, туку некои од нив доаѓаат за да го слушнат и него, а тоа му го кажале после концертите.

„Сите знаеме колкава ѕвезда е Брена, но мило ми е што ми приоѓаат луѓе и мене, ми кажуваат дека знаат кој сум, знаат што работам, па на некој начин тоа што го направив последниов период стигнало и преку океанот. Ми велат дека едвај чекаат да слушнат југословенски рокенрол и пред настапот на Брена се случува вистинска рок забава. Луѓето ги пеат песните на глас, ечеше Highway To Hell во цела сала, и мене тоа ми е стварно мотив за работа. Мислам дека каде и да одиме до крајот на турнејата секаде ќе биде истата енергија“, искрен е тој.

На турнејата и Александар пее со бендот на Брена и вели дека момците се супер, а се здружиле од самиот почеток.

„Од моментот кога се запознавме сите имавме чувство како да се познаваме одамна. Девет луѓе сме и многу се дружиме. Да бидам искрен сето ова е многу напорно, се патува долго од град до град и тоа исцрпува, ама кога ќе застанам на сцената и ќе ја слушнам гитарата, одма оживувам, не само јас, туку сите. Едвај ги чекам следните концерти“, вели Александар.

Андријана Јовановска

Share
Scroll to Top