(ВИДЕО) Васил Ангелов го исполни својот долгогодишен сон – создаде симболичен дует со Тоше Проески во „Under 2 Minutes“

(ВИДЕО) Васил Ангелов го исполни својот долгогодишен сон – создаде симболичен дует со Тоше Проески во „Under 2 Minutes“

пред 7 часа

Младиот македонски пејач Васил Ангелов го реализираше еден од своите најголеми музички соништа. Во најновото издание на неговиот авторски проект „Under 2 Minutes“, тој му оддаде почит на својот најголем музички идол – Тоше Проески, претставувајќи нова интерпретација на безвременската песна „Јас не сум виновен“.

Станува збор за уникатен музички концепт во кој Ангелов, преку внимателно обработени и вклопени оригинални вокали на Тоше Проески, создава симболичен дует што ги спојува две генерации македонски музичари. Новиот аранжман ја задржува препознатливата емоција на оригиналната композиција, но истовремено носи современ звук и свеж музички пристап. Во рефренот, гласовите на двајцата звучат како едно, создавајќи впечатлива музичка целина.

„Тоше Проески е мојот најголем идол. Пораснав со неговите песни и многу научив од неговата интерпретација. Додека го подготвував серијалот, си го поставив прашањето – како би звучел дует со Тоше? Така се роди идејата за оваа епизода“, вели Васил Ангелов.

Приказната е дополнета со впечатливо видео, снимено во напуштен простор со минималистичка и кинематографска естетика. Режијата и реализацијата на видеото ги потпишува Стефан Јакимовски, додека за дизајнот и креативниот визуелен идентитет е заслужен Лука Каранфиловски, како дел од креативниот тим на проектот.

Посебен симболичен момент во видеото се архивските снимки од Тоше Проески, прикажани преку стар телевизор, со што на впечатлив начин се поврзува неговото музичко наследство со новата генерација домашни музичари.

Со проектот „Under 2 Minutes“, Васил Ангелов најавува и ново поглавје во својата кариера, во кое главниот фокус ќе биде ставен на создавање авторска музика.

„Сакав преку овој проект публиката да го запознае мојот музички сензибилитет и начинот на кој размислувам како артист. Следниот чекор е мојата авторска музика, која ќе ја претставам во периодот што следува“, истакнува Ангелов.

Проектот „Under 2 Minutes“ има за цел да им даде нов живот на добро познатите песни преку оригинални аранжмани, современа продукција и автентичен визуелен израз. Со интерпретацијата на „Јас не сум виновен“, Васил Ангелов упатува искрена музичка почит кон Тоше Проески – уметник чие дело и понатаму живее и инспирира нови генерации пејачи и љубители на музиката.

Во продолжение погледнете ја интерпретацијата на „Јас не сум виновен“ во изведба на Васил Ангелов.

 

Share
Scroll to Top