Иранската полиција ја уапси актерката Хенгамех Газијани откако објави видео на кое е без муслиманскиот вел. Го симнала во знак на поддршка на протестите и движењето кое се случи во септември по смртта на младата Иранка Махса Амини во притвор.
Протестите почнаа на 16 септември, на денот на смртта на 22-годишната Амини, која починала во болницата во која била сместена откако претходно била уапсена на 13 септември во Техеран. Властите ја уапсиле за носење несоодветна облека и непочитување на строгите правила за облекување на жените во Иран.
Демонстрациите подоцна прераснале во движење против иранските власти. Според невладините организации во протестите биле убиени стотина луѓе, а околу 15.000 се уапсени. Некои од уапсените се осудени на смрт.
Газијани е уапсена за поттикнување и поддршка на нередите и комуникација со опозициските медиуми, пренесе државната агенција „Ирна“. Актерката претходно рече дека добила повик од судот, а на видеото кое го објавила на „Инстаграм“ се гледа како го трга велот.
„Можеби ова ќе биде мојата последна порака. Од сега, што и да ми се случи, знајте дека секогаш ќе бидам со иранскиот народ, до мојот последен здив“, рече таа.
52-годишната актерка последните недели остро го критикуваше отпорот на властите против протестите и ги обвини за убиство на деца. Иранското правосудство ја повика, заедно со уште седум лица од светот на филмот, политиката и спортот, за објавување провокативни содржини во знак на поддршка на протестите.
Famous Iranian actress Hengameh Ghaziani has been arrested, state media said.
She’d earlier removed her hijab and said, “This might be my last (Instagram) post. From this moment on, whatever happens to me, know that as always, I am with Iranian people until my last breath.” pic.twitter.com/tSVhUamsna— Iran International English (@IranIntl_En) November 20, 2022