Битола добива нова современа зграда за противпожарната единица, проект кој според градоначалникот Тони Коњановски претставува значаен чекор во зајакнување на безбедноста и капацитетите на градот. Во видео обраќањето објавено од Општина Битола, Коњановски информира дека станува збор за објект кој се реализира на парцела од околу 3.300 квадратни метри, со корисна површина од приближно 1.600 квадратни метри.
Како што појасни тој, ова е прва фаза од реализацијата на проектот, која се финансира со средства од буџетот на општината. Дополнително, дел од инвестицијата е поддржана и од стратешкиот партнер – Соединетите Американски Држави, во износ од околу еден милион долари, што ја нагласува важноста на проектот и на меѓународната соработка во областа на безбедноста.
Градоначалникот потенцира дека активностите на терен продолжуваат и во наредниот период, со цел комплетно завршување и ставање во функција на новиот објект, кој треба значително да ги подобри условите за работа на пожарникарите. Новата зграда ќе овозможи современи услови за сместување на опрема, возила и персонал, што директно ќе влијае врз побрза и поефикасна интервенција при пожари и други итни ситуации.
Со реализацијата на овој проект, Битола прави важен исчекор кон модернизација на противпожарниот систем, со што се зголемува сигурноста на граѓаните и подготвеноста на службите да одговорат на сите предизвици.






