Скопската ЗОО приреди вистинско уживање за стотина деца и нивните родители, со проекцијата на филмот „Пинокио“ под отворено небо. Ова беше прв настан со кој одбележаа 95 години од нивното постоење. Дружењето на Школка во Градскиот парк беше замислено како пикник за цели семејства. Некои седнати на столчиња, други на ќебиња во тревникот, уживаа во летното кино. Се забавуваа сите што дојдоа, а повозрасните се потсетија и на минатото, кога во паркот често се организираа музички настани и проекции на филмови.
Проекцијата на „Пинокио“ им изнами насмевка на скопјани, па посетителите коментираа дека ова мора да стане редовна пракса од пролет до доцна есен.
„Гледањето на ‘Пинокио’ го замисливме како пикник, а секој што дојде си понесе ќебе или столче за седење. Ние обезбедивме вода, сокови и кроасани за посетителите. Ова беше супер летни кино на отворено и среќни сме што дојдоа многу луѓе“, рекоа од зоолошката.
Оттаму велат дека во текот на наредните месеции планираат бројни настани од едукативен и забавен карактер за децата, а со кои ќе го одбележат јубилејот на Скопје ЗОО.