По минатогодишниот спектакуларен концерт за кој долго се зборуваше и кој остана запаметен како една од најемотивните музички вечери на Античкиот театар во Охрид, регионалната музичка ѕвезда Јелена Розга повторно доаѓа пред македонската публика. На 29 јули 2026 година, со почеток во 21:00 часот, таа ќе одржи голем концерт во Охрид, носејќи ги своите најголеми хитови, но и најновата песна „Љуби ме“, која веќе го освојува регионот.
Новиот сингл премиерно беше изведен на фестивалот „Мелодии Јадрана“, каде Розга ја затвори фестивалската вечер само неколку дена по големиот концерт со кој одбележа 30 години успешна музичка кариера. Песната веднаш привлече внимание благодарение на современиот звук, летната атмосфера и препознатливата емоција што ја носат нејзините интерпретации.
„Се одлучив за оваа побрза песна. Модерна е, убава и летна. Искрено, не можам да престанам да ја слушам. Имам исто чувство какво што го имав и за „Лавица“. Во неа никој не веруваше колку што верував јас, а истото чувство го имам и сега за „Љуби ме““, изјави Розга.
Охридската публика ќе биде меѓу првите во регионот што ќе има можност новата песна да ја слушне во живо. Популарната пејачка не го крие возбудувањето пред повторната средба со македонските фанови.
„Навистина сум возбудена што „Љуби ме“ ќе ја отпеам и пред публиката во Македонија. Охрид има посебна енергија и едвај чекам да видам како луѓето ќе ја почувствуваат новата песна. Минатогодишниот концерт беше вечер што никогаш нема да ја заборавам и сигурна сум дека и ова лето нè очекува уште една магична ноќ“, порача Розга.

Минатогодишниот концерт на Античкиот театар беше еден од најпосетените музички настани во летната сезона. Публиката со денови зборуваше за атмосферата, а интересот беше толку голем што се бараше билет повеќе.
Годинава очекувањата се уште поголеми. Покрај добро познатите хитови како „Бижутерија“, „Нирвана“, „Минут срца мог“, „Циркус“, „Опрости мала“ и многу други, посетителите ќе имаат можност во живо да ја слушнат и најновата песна „Љуби ме“, која веќе се наметнува како еден од летните музички хитови.
Концертот е во организација на Евентум продукција, а на 29 јули Античкиот театар во Охрид повторно ќе биде местото каде илјадници љубители на добрата музика ќе уживаат во вечер исполнета со емоции, романтика, незаборавна атмосфера и најголемите хитови на една од најпопуларните пејачки во регионот.
Организаторите очекуваат огромен интерес и оваа година, па љубителите на музиката се советуваат навреме да ги обезбедат своите билети за уште една летна музичка вечер за паметење под охридското небо.






