ВИДЕО | По 17 години повторно на „Макфест“: Ристо Самарџиев се врати со песна која долго чекала да биде објавена

ВИДЕО | По 17 години повторно на „Макфест“: Ристо Самарџиев се врати со песна која долго чекала да биде објавена

пред 3 часа

Еден од најпрепознатливите гласови на македонската забавна музика, Ристо Самарџиев, по пауза од 17 години повторно застана на сцената на „Макфест“ во Штип. Неговото враќање на фестивалот беше одбележано со премиерата на новата песна „Да можам само да ја видам“.

На 41. издание на фестивалот, Самарџиев се претстави со авторска композиција која, како што открива, била создадена многу порано, но поради други музички ангажмани долго чекала на својата промоција.

Последниот негов фестивалски настап со нова композиција беше во 2009 година, кога заедно со легендарното дуо Дуле и Коки победи со песната „За милион години“.

Во изминатите години Самарџиев продолжил активно да создава музика за други изведувачи, но не размислувал за сопствено враќање на фестивалската сцена.

Новата композиција „Да можам само да ја видам“ е кантавторско дело на Самарџиев, со аранжман на Владимир Дојчиновски, додека во нејзиното создавање и продукција учествувал и Давор Јордановски.

Интересно е што пејачот го поврза своето враќање и со современите трендови во музичката индустрија. Во време кога вештачката интелигенција сè почесто се користи при создавањето музика, тој истакнува дека за него посебна вредност имаат песните создадени на традиционален, авторски начин.

Самарџиев е едно од најуспешните имиња во историјата на „Макфест“, со четири победи како изведувач, но и со дополнителни авторски успеси.

Неговата музичка приказна ќе продолжи и на 14 ноември, кога ќе биде еден од гостите на јубилејниот концерт на Никола Јанков – Коки во Македонската филхармонија во Скопје. Настанот ќе биде посветен на 30 години од победата на Дуле и Коки со песната „Виолина и гитара“, а ќе биде и можност за потсетување на незаборавниот Дуле.

Share
Scroll to Top