(ВИДЕО) „Саутпарк“ со нова песна: „Невидлива“ носи моќен вокал, емоции и препознатлив рок-звук

(ВИДЕО) „Саутпарк“ со нова песна: „Невидлива“ носи моќен вокал, емоции и препознатлив рок-звук

пред 9 часа

Македонскиот бенд „Саутпарк“ се враќа со нов музички проект. Групата ја претстави песната „Невидлива“, придружена со официјален видеоспот, продолжувајќи ја својата музичка приказна во која се испреплетуваат современиот рок-звук, меланхолијата и силната вокална интерпретација.

По минатогодишната песна „Можеби“, музичарите повторно се обединија околу нов авторски проект, кој неодамна ја имаше својата онлајн промоција.

„Невидлива“ го задржува препознатливиот бендски израз на „Саутпарк“, со акцент на инструменталната енергија и вокалот на Светлана Јовановска.

Од музичка идеја до нова песна и видеоспот

За аудиомиксот и мастерингот на песната бил задолжен Дамир Пух од студиото „GreenRoom Sound Studio“, додека целосната реализација на видеоспотот ја потпишуваат Дарја Николовска и Никола Спасеноски.

Членовите на групата не го кријат задоволството што нивната нова музичка идеја добила конечна форма.

„Секогаш е возбудливо да се следи процесот на тоа како една идеја прераснува во песна. ‘Невидлива’ е одраз на нашиот бендски призвук и среќни сме што доби форма, звук и слика. Се надеваме дека секој ќе ја доживее на свој начин“, порачуваат од „Саутпарк“.

Бенд со повеќе од две децении музичко искуство

„Саутпарк“ е добро познат на љубителите на живата музика, особено на скопската музичка сцена, каде што групата настапува уште од 2004 година.

Бендот го сочинуваат Светлана Јовановска како вокал, Виктор Николовски на бас-гитара, Христијан Ристески на гитара и Благојче Пенов на тапани.

Зад музичарите стојат бројни настапи и студиски проекти, а нивното долгогодишно искуство се препознава и во новото издание.

Со „Невидлива“, „Саутпарк“ продолжува да создава авторска музика и да го негува својот препознатлив звук, нудејќи ѝ на публиката уште една песна од домашната рок-сцена.

Песната и официјалниот видеоспот веќе се достапни на YouTube, а најавено е и нивно објавување на стриминг-платформите.

Share
Scroll to Top