(ВИДЕО) Тара ја оживеа „Прва љубов“ по повеќе од пет децении – песната што во 1973 година ја отпеал неговиот татко

(ВИДЕО) Тара ја оживеа „Прва љубов“ по повеќе од пет децении – песната што во 1973 година ја отпеал неговиот татко

пред 3 часа

„Ова е песната којашто ќе ви го успори животот за момент, ќе ве натера да се насмевнете без никаква причина, а притоа ќе продолжите да уживате во текот на денот…“

Со овие зборови Александар Тарабунов – Тара го најави своето ново музичко издание „Прва љубов“, песна зад која се крие посебна семејна приказна и повеќе од половина век музичка историја.

Композицијата првпат била изведена во 1973 година на фестивалот „Скопје“, а тогаш ја отпеал неговиот татко Ванчо Тарабунов. Повеќе од пет децении подоцна, Тара одлучи повторно да ѝ даде живот, задржувајќи ја нејзината оригинална емоција, но облекувајќи ја во современ музички израз.

Идејата за преработката се родила сосема спонтано. Додека ги разгледувал и преслушувал старите албуми и снимки на својот татко, Тара повторно ја открил „Прва љубов“. Песната веднаш го привлекла со својата топлина и безвременска мелодија, поради што решил да ја доближи и до новите генерации.

Најемотивниот момент, според него, се случил кога новата верзија првпат му ја пуштил на својот татко. Реакцијата на Ванчо Тарабунов била исполнета со емоции и солзи радосници.

„Кога ја открив песната меѓу старите снимки на татко ми, веднаш почувствував дека има нешто безвременско во неа. Тоа е една позитивна песна, исполнета со убавина и топлина, и посакав повторно да ја оживеам. Најголемата потврда дека сум ја донел вистинската одлука беше моментот кога му ја пуштив. Неговите солзи радосници ми значеа повеќе од кој било комплимент“, раскажува Тара.

Тој објаснува дека песната ја доживува и како подарок за Скопје и за сите оние што го сакаат градот. Токму затоа решил да ја претстави на денот кога Скопје ја одбележува годишнината од катастрофалниот земјотрес од 1963 година.

„Ова е мој подарок за сите што го сакаат Скопје и затоа одлучив да ја претставам токму на денот кога градот ја одбележува годишнината од катастрофалниот земјотрес од 1963 година. Сакам барем за миг да нè потсети на убавите спомени, но и на љубовта што овој град секогаш ја буди во сите нас“, вели Тара.

Посебна приказна носи и видеозаписот, чија режија ја потпишува Зоран Стојановски – Зонде. Во спотот се комбинирани архивски кадри од старо Скопје со снимки од современиот град, со што се создава визуелна врска меѓу минатото и сегашноста.

Дел од видеото е снимен и на препознатливи скопски локации кои со децении се дел од идентитетот и колективната меморија на градот.

Зад оригиналната „Прва љубов“ стојат големи имиња од македонската музичка историја. Музиката и аранжманот се дело на легендарниот Драган Ѓаконовски – Шпато, додека текстот го напишал Благоја Стефановски.

Новата преработка ја реализираа Александар Тарабунов – Тара и Роберт Билбилов, а дополнителна музичка боја на песната ѝ дава Тамара Тодевска, која ги отпеа придружните вокали. Режијата на видеозаписот е на Зоран Стојановски – Зонде.

Со новата верзија на „Прва љубов“, Тара истовремено му оддава почит на музичкото наследство на својот татко и повторно ѝ отвора простор на песна создадена пред повеќе од половина век да допре до нова публика.

„Прва љубов“ така повторно се враќа пред слушателите – 53 години по нејзината прва фестивалска изведба, како музичка врска меѓу две генерации, едно семејство и Скопје од некогаш и денес.

Share
Scroll to Top