Српскaта телевизија Н1 сними серија документарни емисии „Херои во време на злото“, чија тема се најважните креатори на општествената стварност во Србија во последните триесет години. Една од епизодите е посветена на фолк-ѕвездата Цеца Ражнатовиќ, наречена „Српската мајка“.
Во епизодата, која веќе се прикажа, покрај приказната за Аркан и неговото дејствување на боиштето, убиството и како Цеца ја направил најпопуларна пејачка во регионот, се зборува и за поврзаноста на Цеца со криминалот во Србија и проблемите со законот: поврзаноста со Земунскиот клан и пукањето во Стпица во 2001 година во која учествувал и Легија; двојното убиство во близина на нејзината куќа во 2002 година, кога биле ликвидирани Жељко Шкрба и Зоран Баточанин; апсењето на Цеца 2003 година во акцијата „Сабја“, како таа го организирала киднапирањето на Жељко Митровиќ, сопственикот на „Пинк“, во 2007 година и друго.
Меѓу гостите кои биле поканети да зборуваат против Цеца во епизодата е и Јелена Карлеуша, но таа откри дека одбила да биде дел од документарецот, оти веќе 20 години јавно зборува „за злото што Цеца му го нанела на српскиот народ“.
„Ме повикаа да учествувам во овој документарец за Светлана Ражнатовиќ и да сведочам за злото што го доживеав од неа и нејзиниот тим. Одбив, не затоа што немам што да кажам, туку затоа што зборувам за тоа веќе 20 години, јавно. Фактот дека луѓето штотуку ги отворија очите и сфатија која е оваа жена е друга тема! Таа е најголемиот срам на српскиот народ, затоа што народот ја нарекуваше ‘српска мајка’ и таа беше сè, но не и мајка, близок соработник на убијци и киднапери, воени злосторници, убијции на премиерот. Списокот е застрашувачки. Имав околу 20 години јавно да зборувам за тоа, додека бев сатанизирана. Сега, кога нејзиното заврши и таа е ирелевантна, не сакам да учествувам во болниот пад на таа жена. Но, таа сигурно го заслужи тоа“, напиша Карлеуша на Инстаграм.