ВЛЕН остро реагираше на обвинувањата упатени од ДУИ, оценувајќи дека станува збор за обид за манипулација на јавноста и пренасочување на вниманието од, како што наведуваат, сопствените афери, имотни прашања и политичка одговорност на партијата.
Од ВЛЕН соопштија дека последната прес-конференција и партиско соопштение на ДУИ се темелат на неточни информации, погрешно толкување на катастарска документација и намерно мешање на правни поими со цел да се создаде лажна слика во јавноста.
Според нив, од катастарските податоци се извлекуваат политички конструкции, при што се мешаат поими како имотен лист, носител на право, парцела, пријава за градба и намена на објект. ВЛЕН тврди дека ДУИ се обидува земјиште од 60 квадратни метри, со идеални делови од по 30 квадратни метри, да го претстави како седум викенд-куќи, што, според нив, претставува „политичка фантастика“.
Од коалицијата нагласуваат дека немаат проблем со институционални проверки и потенцираат дека секој функционер, имотен однос и документ треба да бидат предмет на контрола од надлежните органи согласно законите. Сепак, сметаат дека ДУИ нема кредибилитет да зборува за транспарентност и отчетност поради, како што наведуваат, долгогодишното управување со институциите и јавните ресурси.
Во реакцијата се наведува дека ВЛЕН останува фокусиран на отворање нови работни места, европската агенда, правичната застапеност и решавање на реалните проблеми на граѓаните, додека ДУИ, според нив, се обидува да ја префрли јавната дебата кон, како што велат, измислени афери и политички спектакли.
Од ВЛЕН поставуваат и низа прашања до ДУИ, барајќи одговори за начинот на кој поединци и компании се збогатиле во периодот кога партијата била на власт, како и за, според нив, непостоењето на внатрешна отчетност за сопствените функционери.
„Кога ДУИ е под притисок, измислува скандали. Кога треба да одговори за себе, покажува со прст кон другите. Кога нема резултати, произведува театар“, наведуваат од ВЛЕН.
Коалицијата порачува дека нема да учествува во, како што велат, „хистеријата на ДУИ“, туку ќе продолжи да работи на институционални решенија и конкретни резултати за граѓаните. Воедно тврдат дека токму стравот од вистината и одговорноста е причината за, како што оценуваат, нервозата што ја покажува ДУИ во последниот период.






