ВЛЕН: „One Stop Shop“ ќе ги зајакне економските и туристичките врски со Албанија

ВЛЕН: „One Stop Shop“ ќе ги зајакне економските и туристичките врски со Албанија

пред 8 часа

Коалицијата ВЛЕН го поздрави воведувањето на системот „One Stop Shop“ на граничниот премин меѓу Македонија и Албанија, оценувајќи дека станува збор за важен чекор кон модернизација на граничните процедури и олеснување на движењето на граѓаните меѓу двете земји.

Од ВЛЕН посочуваат дека новиот модел претставува современ пристап во управувањето со границите, при што границата повеќе не се гледа како пречка, туку како точка на поврзување и соработка меѓу државите.

„One Stop Shop“ подразбира поедноставени и побрзи гранични контроли преку координација на институциите од двете земји, што треба да придонесе за намалување на времето на чекање и побрз проток на патници и возила.

Според ВЛЕН, придобивките од овој систем најмногу ќе се почувствуваат во текот на летната сезона, кога значително се зголемува фреквенцијата на патници меѓу Македонија и Албанија.

„Ова е конкретна промена што директно влијае врз секојдневниот живот на граѓаните, особено во периодите кога има зголемен сообраќај и подолги задржувања на границите“, наведуваат од коалицијата.

Оттаму оценуваат дека мерката има и пошироко значење, бидејќи испраќа јасна политичка порака за продлабочување на регионалната соработка и зајакнување на економските, туристичките и семејните врски меѓу двете држави.

Побрзото движење на луѓето, според ВЛЕН, ќе придонесе за поголем обем на трговија, повеќе туристички посети и нови можности за локалните бизниси од двете страни на границата.

Од коалицијата потсетуваат дека слични модели веќе се применуваат и на дел од граничните премини со Косово и Србија, како дел од поширок регионален концепт за олеснување на движењето и зголемување на ефикасноста на граничните процедури.

ВЛЕН смета дека „One Stop Shop“ може да послужи како позитивен пример за понатамошно унапредување на практичната регионална интеграција и приближување кон европските стандарди за слободно движење на луѓе и стоки.

Share
Scroll to Top