Бетелгез, една од најсветлите ѕвезди видливи од Земјата, се очекува да исчезне накратко во понеделник. Астрономите оваа појава ја нарекоа историска што се случува „еднаш во животот“.
Причина за исчезнувањето е тоа што астероид ќе помине пред ѕвездата. Според најавите, тоа ќе трае од 7 до 12 секунди.
Бетелгез го привлече вниманието во последниве години поради својата флуктуирачка светлина, предизвикувајќи дури и загриженост дека може да биде на работ на експлозија.
Научниците сè уште се обидуваат да ја проценат вистинската големина на Бетелгез и другите карактеристики.
Поминувањето на астероид пред ѕвезда со оваа големина е многу ретко, видливо од Земјата само на секои неколку децении, велат истражувачите.
Во делови од Европа, вклучувајќи ги Италија и Шпанија, во тек се подготовки за набљудување на овој ѕвезден настан.
Експертите велат дека овој редок настан ќе биде можност да се дознае повеќе за астероидот и Бетелгез, како што е неговата големина и како наелектризираниот гас се движи околу ѕвездата што умира.