Актерот Даниел Крег кој последен го глумеше ликот на Џејмс Бонд, вели дека оваа улога не треба да ја игра жена. Неговата реакција е откако неколку медиуми напишаа дека глумицата Лашана Линч ќе биде новиот таен агент. Според него, подобро би било да се создаде друг лик по теркот на Бонд наместо да се уништи брендот кој е успешен шеесет години.
„Зошто жена да го глуми Џејмс Бонд кога може да има нов лик, исто толку добар. Но Џејмс Бонд жена?! Не сум за тоа“, рекол Крег.
Според пишувањата во некои медиуми, Линч би била новиот таен агент во 26. филм за 007. Таа е главната Бонд девојка во 25. филм од серијалот, „Не е време за умирање“, кој ќе има светска премиера на 8 октомври.
Сличен став, дека Бонд не треба да го глуми жена, има и Барбара Броколи, која е сегашна главна продуцентка на овие филмови.
Инаку, следната година навршуваат 60 години од премиерата на првиот филм за Џејмс Бонд, „Доктор Но“, со Шон Конери. Крег е шестиот глумец што ја презеде истата улога пред 15 години. Во филмот „Не е време за умирање“ обожавателите ќе можат петти и последен пат да го видат во култната улога. За сега не се знае кој ќе биде новиот Бонд, но многумина сметаат дека тоа ќе биде Реџе-Жан Пејџ, ѕвездата на „Бриџертон“, но тој засега ги демантира тие гласини.






