Димитриеска-Кочоска: Растот, дефицитот и задолжувањата остануваат во рамките на проекциите

Димитриеска-Кочоска: Растот, дефицитот и задолжувањата остануваат во рамките на проекциите

пред 9 часа

До крајот на годинава не се очекуваат позначајни промени во проектираната стапка на економски раст ниту во буџетскиот дефицит, изјави министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

Во интервју за Македонската телевизија од Њујорк, таа посочи дека Министерството за финансии внимателно ги следи економските движења и очекува растот на БДП, дефицитот и задолжувањата да останат во рамките утврдени со ребалансот на Буџетот.

„До крајот на годината не очекуваме позначајни промени и остануваме на проекцијата што ја имавме, особено ако се земе предвид дека стапката на раст во вториот квартал изнесуваше 4,3 проценти. Владата во изминатите две години посветено работеше на економијата и сметам дека сега ги гледаме резултатите“, изјави Димитриеска-Кочоска.

Таа нагласи дека буџетскиот дефицит нема да излезе од планираните рамки, без разлика дали до крајот на годината ќе биде донесен нов ребаланс.

Доколку се пристапи кон ребаланс, според министерката, ќе се работи на усогласување и на приходната и на расходната страна. Ако Буџетот остане непроменет, дефицитот и задолжувањето повторно ќе се движат во границите што веќе ги одобрило Собранието.

Приходите се во рамките на планираното, отстапување има кај акцизите

Димитриеска-Кочоска информира дека Министерството за финансии одржало состанок со Управата за јавни приходи и Царинската управа, на кој биле разгледани полнењето на Буџетот и очекувањата до крајот на годината.

„Ги следиме состојбите и врз основа на тоа ќе ги носиме одлуките. Заедничката оценка е дека реализацијата се движи во рамките на планираното, освен кај приходите од акцизата поради преземените мерки“, посочи министерката.

Според неа, токму кај акцизите е највидливо влијанието на мерките преземени како одговор на кризата. Таа оцени дека мерките биле соодветно насочени, имајќи ги предвид економскиот раст и движењето на инфлацијата.

Фокусот треба да биде на долгорочен раст и продуктивност

Министерката во Њујорк учествуваше на работната сесија „Поттикнување на растот во новата економија“, организирана во рамките на „Состаноците за влијанието врз одржливиот развој 2026“ на Светскиот економски форум.

Таа посочи дека една од главните пораки од дискусиите била потребата економскиот развој да се темели на долгорочен раст и поголема продуктивност.

„За подобра продуктивност потребни се што е можно пониски трошоци за суровини. Во тоа значајна улога имаат и енергетските ресурси, чии пониски цени придонесуваат за поголема конкурентност“, изјави Димитриеска-Кочоска.

Според неа, земјата се движи во добра насока, но глобалната неизвесност и натаму останува присутна. Поради тоа, институциите ќе продолжат внимателно да ги следат меѓународните случувања и навремено да ги приспособуваат економските политики.

Интервјуто со министерката за финансии е достапно на следниот линк.

Share
Scroll to Top