Димитриеска-Кочоска: Растот на БДП ја потврдува успешната економска политика – над 3% раст наспроти 1,8% во минатото

Димитриеска-Кочоска: Растот на БДП ја потврдува успешната економска политика – над 3% раст наспроти 1,8% во минатото

пред 6 часа

4 јули 2026, Скопје – Дали средствата од Буџетот се правилно насочени или не се најдобро зборуваат податоците за растот на БДП и буџетскиот дефицит, рече министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во денешната расправа по Предлог измените и дополнувањата на Буџетот за 2026 година во рамки на собраниската матична Комисија за финансирање и буџет.

„Состојбата на јавниот долг во 2019 година беше 49%, во 2020 година 8% буџетски дефицит, а во исто време јавниот долг  од 49% се зголемува на 59,7%, од 49% на 59,7%. Во таа година во која што постојано се повторува дека сме имале корона криза, но во истовреме Државниот завод за ревизија излезе со податоци за колкав е износот на средства коишто се дадени за поддршка на стопанството и колку другите средства биле насочени и дека не дале ефект на економијата. Понатаму во 2020 година имаме пад на БДП од 4,7%. Во следната  2021 година раст на БДП од 4,5% на паднатиот БДП  од 4,7% во 2020. Кога другите економии имаа раст поголем од тоа што го изгубија во 2020 година, ние во 2021 година  не можевме да го стигнеме она што го изгубивме во 2020 година. Но во истовреме буџетскиот дефицит беше 5,3% и во истата година јавниот долг отиде на 60,3%. Можам да ги редам и натаму на пример во 2022 година дефицитот е 4,4% во минус растот е 2,8% во плус . И така ако продолжиме  статистичките податоци јасно кажуваат дека просечниот раст на БДП во годините од 2017 до 2024, при тоа треба да земеме предвид дека 2018 и 2019 се години без никаква криза, а од 2020 имаме криза. Така што 1,8% просечен раст во овој период наспроти денешниот раст од над 3% јасно кажува дали парите се правилно насочени или не се“, истакна министерката.

Општата расправа по предложениот Ребаланс на Буџетот за 2026 година започна вчера во рамки на Комисијата за финансирање и буџет и може да трае најмногу до 10 дена.

Ребалансот, како што истакна вчера министерката во експозето, претставува одговор на променетите економски околности, инструмент преку кој Владата ги усогласува јавните финансии со реалните потреби на економијата, институциите, стопанството и граѓаните. А особено во  услови кога светската економија се соочува со зголемена неизвесност, наша должност е навремено да реагираме, да ги препознаеме ризиците, но истовремено да ги искористиме можностите што се отвораат.

Share
Scroll to Top