Димитриеска-Кочоска: Со поддршка од ЦЕБ до нови инвестиции во образованието, дигитализацијата и економијата

Димитриеска-Кочоска: Со поддршка од ЦЕБ до нови инвестиции во образованието, дигитализацијата и економијата

пред 6 часа

Банката за развој при Советот на Европа (ЦЕБ) е долгогодишен и значаен партнер на земјава во реализацијата на проекти за унапредување на образованието, социјалната инфраструктура и поддршката на микро, малите и средните претпријатија. Соработката е насочена кон проекти што носат конкретни придобивки за граѓаните и придонесуваат за економскиот развој.

Ова беше истакнато на денешната средба на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска со Томаш Бочек, заменик-гувернер на Банката за развој при Советот на Европа, на која се разговараше за реализацијата на тековните проекти и можностите за идна соработка.

„Продолжуваме да го зајакнуваме партнерството со ЦЕБ, насочувајќи ја поддршката кон проекти што придонесуваат за подобри јавни услуги, поквалитетно образование и економски развој“, истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

ЦЕБ е присутна во земјава од 1997 година, а досега има одобрено кредити за 10 проекти во јавниот сектор, во вкупен износ од 314 милиони евра. Банката обезбедила и значајна поддршка во форма на инвестициски грантови и грантови за техничка помош при подготовката на проектите.

Поддршката е насочена кон социјалната инфраструктура и социјалната интеграција, вклучувајќи ги здравството, образованието, правосудството и социјалното домување, како и кон микро, малите и средните претпријатија.

На средбата беше разгледана реализацијата на тековните проекти, меѓу кои и дополнителното финансирање преку заем и грантови во вкупен износ од 24,1 милион евра. Средствата се наменети за изградба, надзор и опремување на 30 спортски сали во основните училишта, како и за реконструкција на основни и средни училишта.

Оваа поддршка претставува продолжение на успешно реализираниот проект, во чии рамки беа изградени и опремени 70 спортски објекти во основните училишта, а беа реконструирани и 90 основни и средни училишта.

Соработката со ЦЕБ опфаќа и кредитна линија од 50 милиони евра за создавање нови работни места во микро, малите и средните претпријатија, која се реализира преку Развојната банка.

Посебен акцент на средбата беше ставен на проектите што се подготвуваат за наредниот период. Меѓу нив е проектот за довршување на изградбата на објектите на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и Факултетот за физичко образование, спорт и здравје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Во фокусот на идната соработка е и проектот за основна дигитална инфраструктура, насочен кон унапредување на дигиталната инфраструктура и поддршка на процесот на дигитална трансформација.

На средбата беше изразена подготвеност за продолжување и продлабочување на соработката меѓу Министерството за финансии и ЦЕБ, со фокус на ефикасна реализација на тековните проекти и обезбедување поддршка за нови инвестиции од значење за економскиот и социјалниот развој на земјата.

Share
Scroll to Top