Д Фестивал ги изненади фановите: Нема да се плаќа влез за фестивалската програма

Д Фестивал ги изненади фановите: Нема да се плаќа влез за фестивалската програма

пред 6 часа

Одлична вест за сите љубители на музиката, фестивалите и летната забава – организаторите на Д Фестивал 2026 објавија дека годинашното издание ќе биде со целосно слободен влез за сите посетители. Со оваа одлука, најголемиот летен музички фестивал во Македонија ги отвора своите врати за сите кои сакаат да бидат дел од тридневната фестивалска авантура во Штип.

Организаторите соопштија дека бесплатниот пристап до целокупната фестивалска програма е овозможен благодарение на поддржувачите и долгогодишните пријатели на фестивалот, кои помогнале ова издание да стане достапно за сите без потреба од купување влезница.

Од 26 до 28 јуни, Штип повторно ќе стане центар на музиката, уметноста и добрата забава. Посетителите ќе можат бесплатно да уживаат во програмата распоредена на пет фестивалски сцени, со дури 72 часа музика и забава без прекин.

Покрај бројните музички настапи, посетителите ќе имаат можност да бидат дел и од заедничките следења на спортски настани, традиционалниот „Плоштарт“, базарот на рачни изработки, различни уметнички содржини и многу дополнителни активности кои со години го прават Д Фестивал едно од најатрактивните летни случувања во Македонија и регионот.

Сепак, за оние кои планираат да престојуваат во фестивалскиот камп, ќе биде потребно да обезбедат кампинг билет по цена од 600 денари. Од организацијата информираат дека интересот за кампувањето е исклучително голем и дека остануваат уште околу 500 слободни места пред кампот целосно да биде исполнет.

Воедно, организаторите ги информираа и сите посетители кои веќе набавиле билети за фестивалот дека во наредните денови ќе добијат електронска порака со детални информации за процесот на враќање на средствата. За сите дополнителни прашања или евентуални проблеми, посетителите ќе можат директно да се обратат до фестивалскиот тим.

Со оваа одлука, Д Фестивал уште еднаш ја потврдува својата мисија да биде симбол на слободата, заедништвото, музиката и позитивната енергија, создавајќи простор каде што сите генерации можат да уживаат во уникатно фестивалско искуство.

„Ве покануваме сите заедно на прослава на животот“, порачаа организаторите, најавувајќи уште едно незаборавно издание кое од 26 до 28 јуни ќе го претвори Штип во фестивалска престолнина на Македонија.

Share
Scroll to Top