Европа се загрева двојно побрзо од остатокот од светот: Научниците предупредуваат на „топлинска купола“

Европа се загрева двојно побрзо од остатокот од светот: Научниците предупредуваат на „топлинска купола“

пред 4 часа

Европа деновиве е погодена од силен топлотен бран што веќе урна температурни рекорди во повеќе држави, а научниците предупредуваат дека екстремните горештини наскоро би можеле да станат „нова нормалност“ на континентот.

Рекордно високи температури се регистрирани во Велика Британија, Ирска и Франција, додека метеоролозите најавуваат дека жештините дополнително ќе се засилат во наредните денови.

Според експертите, зад овој феномен стои таканаречената „топлинска купола“ – маса на многу топол воздух од северна Африка заробена под систем со висок воздушен притисок над западна Европа.

Овие услови создаваат температури кои обично се очекуваат дури во средината на летото.

Податоците на европската климатска служба „Коперникус“ покажуваат дека планетата денес е во просек за околу 1,4 степени потопла отколку во прединдустрискиот период меѓу 1850 и 1900 година. Но Европа се загреала значително повеќе – дури за околу 2,4 степени.

Истражувачот на климатски промени Бен Кларк од Империјал колеџот во Лондон изјави дека речиси целата дополнителна топлина е последица на емисиите на стакленички гасови предизвикани од човечката активност и користењето фосилни горива.

Научниците објаснуваат дека еден од главните фактори за почестите топлотни бранови се промените во атмосферската циркулација. Системите со висок притисок, кои носат стабилно и многу топло време, во последните децении стануваат сè почести над Европа.

Директорот на „Коперникус“, Карло Буонтемпо, вели дека во последните 20 до 30 години особено во летниот период значително се зголемила појавата на антициклонални системи кои создаваат услови за долготрајни топлотни бранови.

Овие системи често се нарекуваат и „блокирачки максимуми“, бидејќи остануваат долго над истото подрачје и спречуваат продор на посвеж воздух.

Професорката по географија Мери Бурк од Тринити колеџот во Даблин објаснува дека ваквите услови значат ведро небо без облаци, што дополнително го загрева сувиот воздух над површината.

Еден од клучните фактори за забрзаното загревање на Европа е и Арктикот, кој денес се загрева многу побрзо од остатокот на планетата.

Според податоците на „Коперникус“, Арктикот е за околу 3,2 степени потопол отколку во прединдустрискиот период.

Научниците велат дека проблемот е поврзан со таканаречениот „албедо ефект“. Снегот и мразот нормално ја одбиваат сончевата топлина назад во вселената, но со нивното топење се откриваат потемни површини на морето и земјата кои апсорбираат многу повеќе топлина.

„Колку повеќе се топи морскиот мраз, толку повеќе топлина се апсорбира, а тоа дополнително го забрзува загревањето“, објаснува Кларк.

Дополнителен проблем е и намалувањето на снежната покривка во Европа. Буонтемпо предупредува дека многу региони кои порано редовно имале недели со температури под нулата денес речиси и да немаат такви услови.

Интересно е што и почистиот воздух делумно придонел за затоплувањето. Од 1980-тите наваму значително се намалени емисиите на аеросоли – ситни честички што претходно делумно ја рефлектирале сончевата светлина и имале ефект на ладење.

Научниците нагласуваат дека намалувањето на загадувањето е исклучително важно за здравјето, но истовремено овозможува поголема количина сончева енергија да стигне до површината на Земјата.

Особено брзо се загреваат источна и југоисточна Европа, делови од централна Европа и Алпите, каде температурите растат меѓу 0,5 и 1 степен по деценија во последните 30 години.

Најалармантна е состојбата на норвешкиот арктички архипелаг Свалбард, кој е едно од најбрзо загревањата места на планетата. Таму температурите растат и до 2 степени по деценија, а последните години се бележат рекордно топли лета.

Share
Scroll to Top