ЕУ забранува автомобили на бензин и на дизел

ЕУ забранува автомобили на бензин и на дизел

пред 2 години

Европскиот парламент одлучи дека за 12 години повеќе нема да може да се продаваат нови автомобили со дизел и бензински мотори. Одлуката стигна по одобрението за задолжителна имплементација на нула стапка на емисии за нови автомобили и комбиња. Новите стандарди ќе важат од 2035 година.

Измените беа поддржани со 340 гласови за, 279 против и 21 воздржан. Според пишувањата на западните медиуми, указот бил поддржан од претставници на социјалдемократите, зелените и либералите.

„Оваа регулатива го поттикнува производството на возила со нула и ниски емисии (…), а овие цели обезбедуваат јасност на автомобилската индустрија и ги поттикнуваат производителите на автомобили да иновираат и инвестираат. На потрошувачите купувањето и користењето на возила со нула емисии ќе им биде подостапно, а побрзо ќе се развие и пазарот на користени возила. На тој начин одржливиот транспорт ќе стане достапен за секого“, рекоа либералите.

Преодните цели за намалување на штетните емисии за 2030 година се 55 отсто за автомобили и 50 отсто за лесни комерцијални возила. Тоа значи дека новите автомобили и комбиња повеќе нема да смеат да испуштаат CO2, но автомобилите со мотори со внатрешно согорување нема да исчезнат од патиштата.

И по 2035 година, граѓаните и понатаму ќе можат да ги возат своите постоечки автомобили со мотори со внатрешно согорување, па дури и да купуваат користени автомобили на бензин и дизел.

По конечното гласање на пленарната сесија на Европскиот парламент, текстот сега треба уште треба формално да биде одобрен од Советот пред да биде објавен во Службениот весник на ЕУ.

Share
Scroll to Top