ЕУ со предупредување: отпадот и отпадните води клучни за зачувување на УНЕСКО статусот на охридскиот регион

ЕУ со предупредување: отпадот и отпадните води клучни за зачувување на УНЕСКО статусот на охридскиот регион

пред 3 часа

Управувањето со отпадот и третманот на отпадните води остануваат меѓу најкритичните услови Охрид и Струга да го задржат статусот на УНЕСКО, порача Европската Унија, најавувајќи конкретна поддршка за решавање на овие прашања, но и за зајакнување на прекуграничната соработка во регионот.

Евроамбасадорот Михалис Рокас, по средбата со градоначалникот на Струга, Менди Ќура, истакна дека токму овие два сегмента се меѓу главните приоритети за напредок на регионот и исполнување на меѓународните обврски.

На состанокот било разговарано и за евроинтегративниот процес на земјата, но и за конкретните локални предизвици со кои се соочува Струга. Рокас посочил дека управувањето со цврстиот отпад бара итни решенија, при што како опција се разгледува изградба на регионален центар или фабрика за негово процесирање. Во таа насока, најавена е и објава на тендер за избор на компанија што ќе го реализира проектот.

Посебно внимание било посветено и на проблемот со испуштањето непречистени канализациски води во Охридското Езеро – прашање кое директно влијае врз животната средина, но и врз обврските што државата ги има кон УНЕСКО. Ова е дел од пошироките препораки што Македонија и Албанија треба да ги исполнат за да се избегнат нови ризици за статусот на Охридскиот регион.

Европската Унија најави дека ќе продолжи со поддршка преку програми како „People to People“, како и преку иницијативи за прекугранична соработка со Грција и Албанија.

На средбата било отворено и прашањето за недостиг на капацитети во градинките, при што евроамбасадорот најавил дополнителни разговори со Владата за обезбедување финансиски решенија.

Градоначалникот Ќура оцени дека разговорите поминале во конструктивна атмосфера и истакна дека општината останува посветена на европскиот пат и реализацијата на проекти, дел од кои се финансирани со европски средства.

Охридскиот регион веќе неколку години е под засилен мониторинг на УНЕСКО, а институциите имаат обврска да покажат конкретен напредок во клучните области – управување со отпад, отпадни води, урбанизација и заштита на природното и културното наследство.

Share
Scroll to Top