Заборавено растение вредно како злато: Килограм од оваа деликатесна култура достигнува и до 1.000 евра

Заборавено растение вредно како злато: Килограм од оваа деликатесна култура достигнува и до 1.000 евра

пред 3 часа

Кога ќе се спомене хмељот, повеќето луѓе веднаш помислуваат на пивото и неговиот препознатлив горчлив вкус. Но, ова растение крие многу повеќе од својата улога во пиварската индустрија. Последниве години хмељот повторно го привлекува вниманието на европските гурмани, и тоа поради своите млади пролетни изданоци кои денес се сметаат за една од најскапите сезонски деликатеси во Европа.

Станува збор за нежни изданоци кои по изглед потсетуваат на див аспарагус, а се ценети поради својата фина текстура, благата горчина и богатата хранлива вредност. Поради нивната реткост и многу кратката сезона на берба, килограм свежо набрани изданоци од хмељ во некои европски земји достигнува цена и до неверојатни 1.000 евра.

Додека во Западна Европа младите изданоци од хмељ веќе се сметаат за симбол на луксузната гастрономија, во многу земји од регионот ова растение речиси целосно е заборавено.

Историјата на хмељот е многу подолга од модерното производство на пиво. Уште во времето на старите цивилизации се подготвувале напитоци од житарки на кои им се припишувале лековити својства, но вистинската револуција се случила во 11 век кога баварските монаси почнале да го користат хмељот за ароматизирање и конзервирање на пивото. Токму тие ја популаризирале неговата употреба и му ја дале препознатливата горчина што денес го карактеризира овој пијалак.

Но, неговата вредност не се ограничува само на пиварството. Со векови хмељот бил важен дел и од народната медицина. Се користел како природно средство за смирување, против несоница и нервоза, а во старите записи се споменува и неговата примена за намалување на либидото.

Младите изданоци од хмељ денес се вистински гастрономски бисер во бројни европски ресторани со висока кујна. Нивната висока цена не е резултат на трендови или маркетинг, туку на исклучително ограничената достапност. Хмељот често расте самоникнат, тешко се одгледува организирано, а бербата мора да се врши рачно и трае само краток период во текот на пролетта.

Дополнително, изданоците се многу чувствителни и брзо се расипуваат, па најдобри се веднаш по бербата. Поради тоа најчесто можат да се најдат само на локални пазари или во ресторани кои соработуваат со мали производители.

Комбинацијата од кратка сезона, сложена берба и голема побарувачка го претвори хмељот во еден од најскапите растителни производи во европската гастрономија.

Интересно е што голем дел од Балканот има одлични климатски услови за негово одгледување, но организираното производство речиси исчезнало. Земјоделските експерти сметаат дека токму растечката популарност на крафт-пиварството и зголемената побарувачка за локални и автентични производи би можеле повторно да ја оживеат оваа култура.

Во време кога земјоделството бара нови профитабилни култури и пазарни ниши, хмељот се наметнува како потенцијално исклучително вредна можност. Освен во пиварството, неговата примена во гастрономијата станува сè поголема, а многу врвни готвачи го сметаат за една од најинтересните сезонски намирници.

За сега, овој потенцијал останува во голема мера неискористен, но бројките покажуваат дека зад ова речиси заборавено растение се крие вистинско мало богатство кое на европските пазари достигнува цена каква што ретко се гледа кај земјоделските култури.

Share
Scroll to Top