Заборавете на правилото за 10.000 чекори: Научниците открија колку навистина треба да пешачите

Заборавете на правилото за 10.000 чекори: Научниците открија колку навистина треба да пешачите

пред 2 часа

Долго време се веруваше дека 10.000 чекори дневно се идеалната формула за добро здравје и одржување на телесната тежина, но ново меѓународно истражување покажува дека помал број чекори може да биде сосема доволен, особено кога станува збор за спречување на повторно дебелеење по диета.

Истражувањето било презентирано на Европскиот конгрес за дебелина во Истанбул и објавено во „Меѓународниот журнал за истражување на животната средина и јавно здравје“. Научниците откриле дека околу 8.500 чекори дневно можат значително да помогнат во одржување на намалената телесна тежина и спречување на повторно зголемување на килограмите.

Според резултатите, зголемувањето на физичката активност преку пешачење не било директно поврзано со поголемо слабеење за време на самата диета, но имало клучна улога во задржување на постигнатите резултати по завршувањето на режимот на исхрана.

Истражувачите од Италија и Либан анализирале податоци од повеќе од 3.700 лица кои биле дел од програми за промена на животниот стил или биле во контролни групи. Учесниците кои го зголемиле бројот на дневни чекори на просечно 8.454 чекори дневно изгубиле значителна количина тежина и биле многу поуспешни во одржувањето на таа тежина во споредба со луѓето кои не ја зголемиле физичката активност.

Контролната група, која не го променила нивото на дневна активност, не покажала значително намалување на телесната тежина.

Професорот Марван Ел Гок, еден од авторите на истражувањето, изјавил дека најголемиот предизвик во третманот на дебелината не е само слабеењето, туку спречувањето на повторното враќање на килограмите.

„На луѓето им препорачуваме да го зголемат бројот на чекори на околу 8.500 дневно за време на слабеењето и да го одржат тоа ниво на активност и потоа“, објаснил тој.

Според научниците, пешачењето претставува едноставен, достапен и одржлив начин за контрола на телесната тежина, без потреба од скапи тренинзи или интензивни фитнес програми.

Истражувањето повторно ја отвори дебатата околу познатата препорака за 10.000 чекори дневно, која со години се сметаше за златен стандард за здрав живот. Дел од експертите потсетуваат дека оваа бројка потекнува од маркетиншка кампања во Јапонија од 1960-тите години, а не од официјални медицински препораки.

Share
Scroll to Top