Замина уште еден великан на македонската музика: Наум Бурназ почина на 86-годишна возраст

Замина уште еден великан на македонската музика: Наум Бурназ почина на 86-годишна возраст

пред 3 часа

На 86-годишна возраст почина Наум Бурназ, доајен на македонската песна и уметник кој најголемиот дел од својот живот го посвети на музиката и негувањето на македонското музичко наследство.

Тажната вест доаѓа помалку од еден месец по смртта на неговиот син Петар, што претставува уште една голема загуба за семејството Бурназ.

Наум Бурназ со децении беше дел од ансамблот на Македонската опера, каде што ја градеше својата долгогодишна професионална кариера сè до заминувањето во пензија.

Во јавноста особено ќе остане запаметен како исклучителен интерпретатор на охридските староградски песни. Покрај интерпретаторската работа, Бурназ беше и автор на композиции кои оставија трага во македонската музичка ризница.

Меѓу неговите најпознати дела се „Бор садила мома Евгенија“ и „1762 лето“, позната и како „Песна за патрикот“, создадена по текст на Григор Прличев. Зад себе остави и бројни други песни и интерпретации кои со децении се дел од македонското музичко наследство.

Од Наум Бурназ со емотивна порака се прости неговата внука Мирјана Бурназ Кремшо, која ја продолжи семејната музичка традиција. Таа дипломирала соло пеење во Скопје, а образованието го продолжила во Германија, каде што се стекнала со титулата магистер по пеење.

Во својата проштална порака таа напиша дека нејзиниот дедо бил нејзин идол и човекот поради кого ги избрала музиката и пеењето како свој животен пат. Таа се потсети на заедничките спомени, подготовките пред настапите и неговите совети, нагласувајќи дека е неизмерно горда што го имала за дедо.

Особено емотивен е делот во кој посочува дека по неговото заминување повторно ќе биде со нејзиниот татко, кој почина неодамна.

Во текот на својата богата и долгогодишна кариера, Бурназ ѝ подари на македонската публика бројни интерпретации и даде значаен придонес во развојот, зачувувањето и афирмацијата на македонската музичка култура.

За својот придонес и трајните вредности што ги остави зад себе, тој беше одликуван и со статуетка и клуч на Општина Кисела Вода.

Со смртта на Наум Бурназ, македонската музичка сцена загуби уште еден од своите истакнати доајени, но неговиот глас, композициите и интерпретациите остануваат како дел од музичкото наследство што ќе продолжи да се пренесува на идните генерации.

Share
Scroll to Top