Нашиот познат пејач, штипјанецот кој двапати го има освоено Макфест, Зоран Илиев, вчера вечер на сите музички платформи и социјални мрежи го претстави својот најнов музички проект – песна на српски јазик со наслов „Не боле мене“.
Со овој проект, Илиев се отвора кон поширока регионална публика, а песната наскоро ќе биде промовирана и пред српската јавност.
Аранжманот го изработи Александар Софрониевиќ, еден од најдобрите и најценети музичари на Балканот. Со него соработуваат многу од најпознатите пејачи од српската музичка сцена, меѓу кои и Здравко Чолиќ, како и голем број други врвни изведувачи.
Музиката е дело на Панче Касапски, а текстот го напишаа Огнен Неделковски и Давор Крстевски.
Мастерингот и продукцијата ги изведе Иван Лековиќ (Asstudioton).
Видеоспотот, кој е снимен во Белград и режиран од Бојан Стевановиќ, визуелно потсетува на позната филмска сцена, во која токму Зоран Илиев и Александар Софрониевиќ се поставени како главни актери.
“Соработката со Александар Софрониевиќ беше одлична и сум навистина задоволен од конечниот резултат. Ова е само почеток, а во иднина подготвувам многу нови проекти за публиката” – вели Илиев.
„Не боле мене“ ќе биде претставена пред публиката во целиот регион и претставува ново професионално поглавје во кариерата на Зоран Илиев.






