Според експертите, најчесто користените пристапи кон образованието и развојот на надарените деца се градат врз неточни претпоставки.
Истражувањата за талентите и способностите кај децата претходно се потпираа на познати рамки, а се веруваше дека достигнувањата зависат од раните знаци на успех на децата во училиште, спортски натпревари, како и во музиката, во комбинација со способности како што се интелигенција, физичка координација или музикалност.
Според неодамнешното истражување предводено од Арне Гулиќ, професор по спортски науки на Универзитетот „RPTU Кајзерслаутерн-Ландау“, ова не е најдобриот начин за развој на долгорочно успешни деца, пишува „SciTechDaily“.
„Традиционалното истражување за достигнувањата и способностите не го разгледало доволно прашањето како се развиваат успешните поединци во нивните рани години. Групата што ја анализирале вклучувала добитници на Нобелова награда за наука, освојувачи на олимписки медали, најдобри шахисти во светот и водечки изведувачи на класична музика“, рече Гулиќ.
Исто така, се наведува дека децата кои постигнуваат најдобри резултати на млада возраст обично не се истите луѓе кои постигнуваат најголем успех подоцна во животот. Покрај тоа, идните успешни изведувачи не се фокусирале на една дисциплина уште на почетокот. Наместо тоа, тие истражуваа низа активности, како што се академски предмети, музички стилови и спортови.
Според тоа, истражувачите идентификуваа неколку предлози, од кои првиот е да се испробаат повеќе дисциплини. Ова ги зголемува шансите за конечно наоѓање на најдобриот интерес.
„Оние кои ја наоѓаат оптималната дисциплина за себе развиваат потенцијал за долгорочно учење и имаат намален ризик од фактори што им ја попречуваат кариерата и имаат поголеми шанси за развој на врвни резултати“, рече Гулиќ.
Истражувачите советуваат да се охрабрат младите луѓе и да им се даде можност да се вклучат во различни дисциплини.






