Инстаграм добива посебна апликација за пораки: „Мета“ го тестира новиот „Директ“

Инстаграм добива посебна апликација за пораки: „Мета“ го тестира новиот „Директ“

пред 29 минути

Корисниците на Инстаграм наскоро би можеле да разговараат со пријателите преку посебна апликација наменета само за пораки. „Мета“ го претстави „Директ“ (Direct), нова апликација што ги издвојува приватните и групните разговори од Инстаграм и нуди можност за користење и без профил на социјалната мрежа.

Засега апликацијата се тестира во Турција и Тајланд, на уреди со Android и iOS. Компанијата сѐ уште не соопштила дали и кога ќе биде достапна во Македонија или во други земји.

Новата апликација е наменета за разговори меѓу пријатели и членови на семејството, а корисниците што веќе имаат профил на Инстаграм можат да се најават со истото корисничко име и лозинка.

Според „Мета“, во тој случај постојните разговори ќе се синхронизираат меѓу Инстаграм и „Директ“. Тоа значи дека разговорите поврзани со профилот ќе бидат достапни и во новата апликација.

Може да се користи и без Инстаграм-профил

Една од новините е можноста за регистрација со електронска адреса или телефонски број. Корисникот не мора претходно да има профил на Инстаграм за да отвори сметка на „Директ“.

За оние што ќе ја изберат оваа опција, „Мета“ наведува дека разговор може да започне само лице што е зачувано како нивен контакт. Истото важи и за додавањето во групен разговор.

Нов контакт може да се додаде со внесување на точното корисничко име или со скенирање QR-код при лична средба.

Оваа можност им е наменета и на луѓето што сакаат да разменуваат пораки, но немаат профил на Инстаграм. Од друга страна, постојните корисници можат да ги задржат своите разговори преку најавување со сметката што веќе ја користат.

Цртање, налепници и гласовни ефекти

Покрај индивидуалните и групните разговори, „Директ“ нуди и неколку начини за приспособување на пораките.

Преку опцијата Draw, корисниците можат да цртаат директно во разговорот. Функцијата Notes ги прикажува кратките белешки од пријателите на врвот на сандачето за пораки.

Достапни се и алатки за создавање сопствени налепници, избор на визуелна тема за разговорот и додавање звучни ефекти на гласовните одговори.

На тој начин, корисниците можат различно да го уредат изгледот на одделните разговори и да испраќаат содржини што сами ги создале.

Каква заштита најавува „Мета“?

Компанијата соопшти дека корисниците можат да блокираат, ограничуваат, пријавуваат или отстрануваат контакти. Разговор или додавање во група може да започнат контакти и лица со кои корисникот веќе е поврзан.

За користење на „Директ“ е предвидена минимална возраст од 13 години. „Мета“ наведува дека ќе користи технологија за препознавање профили што можеби им припаѓаат на деца помали од дозволената возраст.

Тинејџерите што ќе се најават со својот профил на Инстаграм ќе ги имаат истите заштити за пораки што важат за тинејџерските сметки на таа платформа. Најавени се и алатки за родителски надзор, вклучувајќи поставување дневни временски ограничувања.

Тестирањето во Турција и Тајланд е прва фаза од пуштањето на апликацијата. „Мета“ засега не објави датум за нејзино пошироко воведување.

Извор: Meta Newsroom

Share
Scroll to Top