Историски успех: Македонските математичари со злато, сребро и бронза на првата Европска олимпијада

Историски успех: Македонските математичари со злато, сребро и бронза на првата Европска олимпијада

пред 11 часа

Македонските млади математичари постигнаа извонреден успех на првата Европска математичка олимпијада (ЕМО 2026), освојувајќи златен, сребрен и бронзен медал и ставајќи ја земјата меѓу најуспешните во Европа.

Натпреварот се одржа во Вилнус, Литванија, во периодот од 23 до 29 април, со учество на 124 натпреварувачи од 19 европски држави. Учесниците решаваа вкупно осум задачи во текот на два натпреварувачки дена, при што беа тестирани нивните знаења, логика и креативност на највисоко ниво.

Македонската репрезентација ја сочинуваа шест ученици: Дамјан Давков, Ивано Божиновски, Леонид Тодороски, Марко Митевски, Андреј Тасиќ и Филип Џамбаски, предводени од менторите Илија Јовчески и Лука Хаџи Јорданов.

Најголемото признание го освои Дамјан Давков, кој со импресивни 44 поени го освои златниот медал и го подели првото место во вкупниот пласман со ученик од Казахстан, со што стана еден од апсолутните победници на олимпијадата. Ивано Божиновски се закити со сребрен медал со освоени 29 поени, додека Леонид Тодороски освои бронзен медал со 23 поени.

Давков и Божиновски се ученици во ДСУ „Математичко-информатичка гимназија“ – Скопје, додека Тодороски доаѓа од училиштето „Јахја Кемал“ – Струга, што уште еднаш ја потврдува силата на македонскиот образовен систем во областа на математиката.

Во екипен пласман, Македонија го освои високото 6. место според бројот на освоени одличја, веднаш зад земјите како Казахстан, Украина, Бугарија, Франција и Грузија.

Овој успех претставува уште една потврда дека македонските ученици можат рамноправно да се натпреваруваат со најдобрите во Европа, носејќи гордост и инспирација за новите генерации.

Share
Scroll to Top