„Кошарка за секое дете“: Бесплатни тренинзи за деца од 8 до 14 години во Пробиштип

„Кошарка за секое дете“: Бесплатни тренинзи за деца од 8 до 14 години во Пробиштип

пред 3 часа

Компанијата „Булмак 2016“, во соработка со градоначалникот на Општина Пробиштип, Тони Тоневски, го претставува проектот „Кошарка за секое дете“. Проектот им овозможува на момчиња и девојчиња од 8 до 14 години бесплатно да тренираат кошарка, да ги развиваат своите спортски вештини и да се подготвуваат за учество во младинските натпреварувања. Уписите се отворени до 30 октомври 2026 година.

Со цел проектот да биде достапен за сите, родителите ќе бидат ослободени од сите трошоци за учество. Со проектот ќе бидат обезбедени топки за кошарка и реквизити за работа, а за натпреварувачите во селекциите и кошаркарска опрема. Предвидено е момчињата и девојчињата да се натпреваруваат во категориите М12 и М14 во системот на Македонската кошаркарска федерација.

Програмата за работа ќе ја изработи младинскиот селектор Александар Јованчев, кој ќе го следи и тренажниот процес, како и неколку локални кошаркарски тренери, а за условите за работа во рамките на проектот ќе биде задолжен раководителот на флотација при компанијата Булмак 2016 и поранешен кошаркар Давор Тоневски.

Пробиштип располага со две кошаркарски сали со услови за тренинзи и за одржување младински натпревари и првенства. По завршувањето на уписите ќе се формираат групите и ќе се објават термините за тренинзи и натпревари.

Проектот е предвиден да трае четири години или еден олимписки циклус. Покрај учество и пласман во завршниците на турнирите во категориите М12 и М14, целта е да се создадат услови за развој на деца кои во иднина би можеле да станат репрезентативци и професионални кошаркари.

Со проектот „Кошарка за секое дете“, „Булмак 2016“ одбележува 10 години постоење и ја продолжува поддршката за спортот, по финансирањето и помошта за спортски турнири во текот на летото. Оваа соработка е дел од заложбата на компанијата за општествена одговорност и вложување во локалната заедница.

Ги повикуваме родителите на момчиња и девојчиња од 8 до 14 години да ги пријават своите деца до 30 октомври 2026 година.

За пријавување и дополнителни информации: Никола Пеншов (070/249-331) и Александар Бранковски (075/333-531)

Share
Scroll to Top