Кошутиќ бара институционална разрешница за ревизорските наоди во ЖРСМ Транспорт

Кошутиќ бара институционална разрешница за ревизорските наоди во ЖРСМ Транспорт

пред 37 минути

Генералниот директор на ЖРСМ Транспорт и претседател на Управниот одбор, Дејан Кошутиќ, очекува надлежните институции, вклучително и Јавното обвинителство, внимателно да ги разгледаат наодите од конечниот извештај на Државниот завод за ревизија и, доколку постои основ, да преземат соодветни мерки за утврдување одговорност.

Според Кошутиќ, ревизорските наоди треба да добијат институционална разрешница, а евентуалните неправилности да бидат испитани во согласност со законските надлежности.

Тој нагласува дека транспарентноста, отчетноста и одговорното управување се клучни предуслови за враќање на довербата во железничкиот систем.

Истовремено, Кошутиќ посочува дека приоритет на актуелното раководство остануваат стабилизирањето на работењето на претпријатието, финансиската консолидација, обновата на возниот парк и продолжувањето на реформите насочени кон модернизација на железничкиот транспорт.

Според него, покрај расчистувањето на прашањата од минатото, неопходно е институциите и раководството да бидат насочени и кон создавање услови за поефикасен, посигурен и поодржлив железнички превоз.

„Минатото бара одговорност. Иднината бара работа, реформи и резултати“, порача Кошутиќ.

Неговата порака доаѓа во контекст на конечниот ревизорски извештај за ЖРСМ Транспорт, при што останува на надлежните институции да утврдат дали констатираните неправилности претставуваат основ за понатамошно постапување.

Share
Scroll to Top