На иницијатива на градоначалникот Тони Коњановски, денеска се одржа првата седница на Координативното тело што ќе го следи спроведувањето на Локалниот еколошки акционен план (ЛЕАП) на Општина Битола за периодот 2024–2030 година.
Телото беше формирано со одлука на Советот на Општина Битола од 7 јули. Неговата задача е редовно да го следи напредокот на предвидените мерки, да ги утврдува пречките во нивното спроведување и да предлага начини за нивно надминување.
Во составот има 11 членови: градоначалникот, претставници на општинската администрација и Советот, директори на јавни претпријатија и претставници на граѓански здруженија. Целта е институциите и граѓанскиот сектор да разменуваат информации и заеднички да работат на приоритетите од планот.
На првата седница беа претставени надлежностите на телото, содржината на ЛЕАП и досегашната реализација на мерките. Членовите разговараа и за начинот на кој ќе ја организираат понатамошната работа.
Планот ги опфаќа еколошките прашања во надлежност на локалната самоуправа, меѓу кои управувањето со отпадот, дивите депонии, квалитетот на воздухот и заштитата на природата.
Коњановски нагласи дека усвојувањето на планот е почеток, а неговата вредност ќе се мери според резултатите што ќе ги почувствуваат граѓаните.
„Нашата заедничка задача е ЛЕАП да го претвориме од стратешки документ во конкретни резултати. Само преку континуирано следење, одговорност и добра координација можеме да постигнеме реални подобрувања во животната средина и квалитетот на живот во Општина Битола“, истакна Коњановски.






